Откако претходниот состав даде оставка, претседателката ги објави новите имиња на Комисијата за помилување

Силјановска Давкова:Само со нов закон ќе може да се преземе товарот на одлучувањето

117

Поранешната врховна судијка, Милка Ристова, е нов член на Комисијата за помилување што беше формирана откако претходниот состав даде колективна оставка, а по реакциите во јавноста за помилувањето на Акиф Равмановски, припадник во криминалната група Барон. Ристова важи за ветеран во судството, со голем интегритет и дека отворено ги критикува судството и неговите аномалии. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во своето последно интервју на јавниот сервис, објави дека и професорот Оливер Бачановиќ од Факултетот за безбедност, кој предава виктимологија, ја прифатил нејзината понуда да биде член на новиот комисиски состав, како и неговата колешка, доктор по психолошки науки – Драгана Патиќ. Во Комисијата ќе членуваат и професорката Александра Груевска од Правниот факултет, која е автор на книгата „Затвор и рецидивизам“, и професорот по граѓанско право од тетовскиот Правен факултет – Афет Мамути. Според Силјановска, чека одговор уште од професор по казнено право и новинар во пензија. Следното помилување треба да се случи за новогодишните празници, а, според претседателката, неопходна е измена на Законот за помилување.

– Планирано е новиот состав да ги повика претходните членови на Комисијата, кои ќе ги кажат своите искуства, забелешки и предлози. Потоа претседателот на Комисијата треба да свика расправа, бидејќи Законот за помилување е многу дефектен. По укинувањето одредби од страна на Уставниот суд, ни треба еден компатибилен закон со европските и тогаш Комисијата ќе може да го преземе товарот на одлучувањето – вели претседателката во интервјуто.

Претседателката ја изрази потребата од закон во кој точно ќе се утврди кои се надлежностите на сите инстанци низ кои поминува молбата за помилување, а тоа се затворот, судот, Министерството за правда и на крај – претседателот. Според Силјановска-Давкова, досието на Равмановски требало да го проверат во судот, а за Комисијата за помилување во Правда смета дека е нефункционална и би требало, како што рече, да состави извештај зошто треба или не треба да има помилување.

Комисијата за помилување даде оставка од, како што кажа претседателката, етички причини, бидејќи помилува затвореник кој во текот на користењето на отпустот од осум часа како работен ангажман, а во време додека била неговата молба за помилување кај членовите на одлучување, пукал и повредил 35-годишен скопјанец во Чаир. Претседателката тогаш ја оправдуваше одлуката на членовите, дека се воделе од делото на затвореникот, а тоа било поседување пиштол со 5 куршуми со кој извршил напад на наплатна рампа.

Таа предлага да се донесе закон за мафијата со кој поефикасно ќе се следат лицата инволвирани во трговијата со дрога, по примерот на Италија. Таму законот им дава широки овластувања на јавниот обвинител и на полицискиот началник да ги идентификуваат и да ги следат лицата вмешани во здруженија од мафијашки тип. Следење на нивните банкарски сметки и ефикасна конфискација на имотот. Независно од истражните органи, функционира Антимафијашка комисија во Парламентот, која може да иницира истраги. Нашето законодавство го регулира насилниот криминал преку терминот „злосторничко здружување“, а во функција е и Законот за перење пари и финансирање тероризам.

Во јавноста, познато е дејствувањето на два криминални огранока, оној од Грчец, познат како клан Дуќанџиќ, и новоформираниот Барон од скопски Чаир, во кој припаѓал помилуваниот Ревмановски. (П.А)