Откако ослободија мајка и ќерка: Хамас тврди дека ослободил уште двајца заложници

370

Израелските телевизии објавија, повикувајќи се на неименувани извори, дека е во тек ослободувањето на двајцата заложници киднапирани од Хамас.

Израелските Канал 12 и Канал 13 не дадоа дополнителни детали за операцијата за ослободување.

Палестинската телевизија Ал Акса ја објави изјавата на Абу Убаид, портпаролот на милитантното крило на палестинскиот Хамас – Ал Касам, кој објави дека со посредство на Египет и Катар се ослободени двајца заложници.

„Ослободивме двајца затвореници, Нурита Џичак и Јохведа Лифшиќ, од хуманитарни и медицински причини“, рече Убаида, пренесува палестинската ТВ Ал Акса.

Тој изјави дека станува збор за затвореници кои Хамас сакал да ги ослободи во петокот, но според него Израел одбил да ги прифати.

Тој додаде дека затворениците биле ослободени „и покрај фактот што окупаторот извршил повеќе од осум прекршувања на процедурите договорени со посредниците“.

Во петокот Хамас ги ослободи мајката и ќерката, американски државјани од Чикаго, кои беа киднапирани додека ги посетуваа роднините во еден од кибуците во близина на границата со Газа.

Претходно во текот на денот се појави информација дека Хамас може да ослободи 50 заложници, главно странски државјани или лица со двојно државјанство.

Според последните израелски податоци, презентирани во текот на денот, имало уште 212 киднапирани лица на 7 октомври кога Хамас изврши инвазија на територијата на Израел.