По повод 8 Септември, Денот на македонската државност, во Ниш, Република Србија, беа свечено отворени единаесеттите „Денови на македонската култура“, во преполната галерија на Нишкиот културен центар. Организатор на оваа манифестација, која ќе трае до 22 септември, е Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш.
На отворањето, пред присутните се обрати претседателката на македонскиот Национален совет во Република Србија, Зорица Митровиќ, која истакна дека целта на „Деновите на македонската култура во Ниш“ е одбележување на државноста на Република Македонија меѓу македонското малцинство во овој град и запознавање на српската јавност со дел од македонската култура.
Честа да ја отвори оваа манифестација ѝ припадна на уметницата од Гевгелија, Мирјана Крстева-Массети, која се претстави пред љубителите на уметноста во Ниш со своите ликовни дела.
Отворајќи ја изложбата, Благе Петрушевски, претседател на Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш, потенцираше дека со ваквите манифестации се придонесува не само за збогатување на културните настани во самиот град Ниш туку им се овозможува, во исто време, на културните работници од Македонија и од Србија меѓусебно да се запознаат и да ги разменат своите искуства.
– На истово место – продолжи Петрушевски – на 12 септември ќе се одржи концерт на учениците на Основното музичко училиште „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци, на 19 септември, во Народната библиотека „Стеван Сремац“, ќе се одржи книжевна вечер со поетот и актер Игор Трпчевски од Прилеп, а на 20 септември е монодрамата „Лидија“ во изведба на актерот Игор Трпчевски. „Деновите на македонската култура“ ќе бидат затворени со ден посветен на македонскиот филм, на 22 септември.
Во изјава за весникот ВЕЧЕР, македонската уметница, м-р Мирјана Крстева-Массети, ни ги искажа своите импресии од отворањето на својата самостојна изложба:
– Ми претставуваше особена чест и огромно задоволство да ја прифатам поканата на Здружението на Македонците –„Вардар“ од Ниш со моја изложба да биде отворена оваа културна манифестација. На нашите Македонци им порачав дека со оваа изложба им носам само еден мал дел од прекрасната Македонија и мојот завет дека и во иднина ќе работам на глорификацијата на македонското „Јас“ низ моето творештво, кое, покрај другото, е исполнето со моите страст и љубов што ги носам во себе.
На оваа изложба се претставувам со дваесет цртежи, кои, според мене, се вистинска поезија во боја, бидејќи ние, уметниците, наместо со збор, ги искажуваме своите чувства преку ликовни дела. Темата на овие дела не е „јазикот на љубовта“, туку „љубовта како јазик“, една калиграфија на меморијата со имплицитно страстен призвук. Моите размисли за животот беа дека тој е една еклипса и дека се среќаваат мултиплицираните реалности, сè додека не запознав еден мудар човек, кој ми рече дека нашето постоење е праволиниско и неповторливо.
Инаку, Здружението на граѓаните на македонското национално малцинство во Ниш „Вардар“ е едно од најрано формираните македонски здруженија во Република Србија. Формирана е на 20 декември 2002 година и е регистрирано во Агенцијата за деловни регистри. (Љ.А.)