Во градинките „Виножито“ и „Детска радост“ во Струмица се отворени сензорна соба и инклузивно игралиште преку соработка на Министерството за труд и социјална политика и Амбасадата на НР Кина во нашата земја.
Според министерката Јованка Тренчевска, посветеноста на процесот на инклузија е очигледна и за тоа е показател внимателниот избор на опрема за сензорните соби, како што се ѕидови со вода со меурчиња, тешки ќебиња и пени за терапија, секоја приспособена да одговори на различните сензорни потреби на корисниците.
– Во доменот на сензорни соби, нашата посветеност на процесот на инклузија е очигледна и за тоа е показател внимателниот избор на опрема за сензорните соби како што се ѕидови со вода со меурчиња, тешки ќебиња и пени за терапија – секоја приспособена да одговори на различните сензорни потреби на корисниците. Овие простори не се само соби, тие се безбеден простор каде што секое дете може да напредува, без оглед на нивните уникатни предизвици – рече Тренчевска.
Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо се заблагодари на министерката Тренчевска и на градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов и сите наставници за вложените напори за реализирање на овој проект
– Има една поговорка во Македонија, оние кои сеат добра волја ќе жнеат и добра волја. Очекувам дека вакви „мали но убави“ проекти како сензорната соба ќе изградат уште повеќе мостови за меѓусебно разбирање и пријателство меѓу двата народи – истакна амбасадорот Ѕуо.
Во општина Струмица веќе постојат три сензорни соби во основните училишта „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“.
– И навистина тоа ја пушта силната порака дека без разлика какви и да имаме разлики, како општина, општинска администрација или Совет, за нас сите се важни и битни – рече градоначалникот Костадинов.
Освен во Струмица, кинеската амбасада донираше за отворање на сензорни соби за деца со попреченост во градинки и во Гевгелија, Велес, Крушево и Кривогаштани. Финансиската поддршка која амбасадата ја има дадено на министерството е во износ од 50.000 евра.