Отворена сензорна соба во ОУ „Ѓорче Петров“ за деца со попреченост

46

Во основното училиште „Ѓорче Петров“ е отворена сензорна соба опремена со реквизити и стимулативни алатки, придружена од стручна служба и специјален едукатор и рехабилитатор. Ова е десетата сензорна соба во која ќе бидат згрижени 18 деца со попреченост.

Сензорната соба е отворена во рамки на проектот „Биди ИН, биди Инклузивен, биди Инклудиран“, финансиран од Европската унија. Целта е да се подобрат можностите за образование на децата со попреченост.

Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“, која го спроведува проектот, истакна дека на 20 месеци од спроведувањето на проектот, значајно се придонесува секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, овој чекор е знак за подобрување на инклузивните капацитети во Општината.

– Големо задоволство е како градоначалник, но и како лекар, на Светскиот ден на здравјето да ја ставаме во употреба сензорната соба на стручниот тим во ООУ. „Ѓорче Петров“, со која ќе се подобри квалитетот за развој, образование и воспитание на учениците со попреченост во ова училиште. Овој чекор, е знак за подобрување на инклузивните капацитети и практики во општина Ѓорче Петров која посакувам да стане заедница со еднакви можности за сите нејзини граѓани – рече Стојкоски.