Отворена косовска царинска испостава во Драч

41

Албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот вицепремиер Фатмир Лимај присуствуваа на денешното отворање на царинската испостава под контрола на приштинските власти во албанското пристаниште Драч.

Лимај меѓу другото рече дека „царинската интеграција” е најважен проект по изградбата на автопатот Тирана-Морина-Приштина, а Рама дека ова е првиот чекор кон „царинската унија на Косово и Албанија”.

Косовската царинска испостава се отвора врз основа на одлуката донесена на седницата на владите на двете земји одржана на крајот на ноември во Пеќ.

За Љимај овој ден е клучен за продлабочување на интеграцијата и соработката меѓу Албанија и Косово.

-Од четирите одлуки донесени на заедничката седница на владите одржана во Пеќ, денеска спроведуваме уште еден договор. Првиот, за интеграцијата на границата, започна на почетокот од оваа година и ќе биде завршен во март, додека денес e косовската царинска испостава во Драч што ќе биде важен знак за нашиот заеднички лик и визија за царинската унија,-рече Лимај.

Рама ја повтори претходно најавената најава за „граници, врз основа на моделот на Шенген”.

-На границата меѓу Тирана и Приштина, напролет ќе имаме сосема нов систем, шенгенски систем,-рече Рама.

Тој отворањето на косовската испостава во Драч ја нарече „прв важен чекор кон целосна царинска унија меѓу Албанија Косово“.