Осуммина млади уметници од различни држави овој месец ќе живеат и ќе истражуваат во Охрид, како дел од резиденцијата во рамките на проектот „ПРОСПЕР: прототип за одржливи резиденции во перифериите“. Главните приоритети се да се ангажираат уметници и локални заедници во два региона со големо еколошко значење, поточно островот Евија во Грција, кој претрпи деструктивни шумски пожари во 2021 година и Охридското Езеро во Македонија, кое трпи деградација поради човечка активност што го загрозува неговото ендемско значење.

Уметниците работат во повеќе различни дисциплини како: музика, кукларство, фотографија, вајарство, поезија, сликарство, илустрација, поврзани се со изведувачките уметности, биле активни како куратори, културни и социјални работници во повеќе колективи и на различни места во Европа и на Блискиот Исток. Нивните истражувања и впечатоци ќе преминат во проекти поврзани со Охридскиот Регион.

ПРОСПЕР вклучува пет партнерски организации, како и шест придружни партнери и повеќе од 40-мина учесници, кои заедно ќе создадат резиденции, колективно и заемно учење меѓу уметниците и локалната публика, транснационални копродукции во изведувачките и во визуелните уметности, обука за градење капацитети за културата и за туризамот и прототип на одржливи и инклузивни живеалишта во перифериите.