Османи со предлог платформа за трилатерална соработка меѓу Македонија, Бугарија и Албанија

53

Забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот 8, изградба на политичка платформа за унапредување на меѓусебна соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и општествената размена се дел од „Иницијатива 8“, која е предлог-платформа за трилатерална соработка меѓу Македонија, Бугарија и Албанија која ја испрати министерот за надворешни работи Бујар Османи до неговите колеги од овие држави. Министерот  Османи, како што соопшти МНР, на самиот старт на новата година, упати писмо до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и ОлтаЏачка, преку кое предлага нова мултидисциплинарна иницијатива, политичка платформа преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за трите држави.

-Ова, секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на заемното долгорочно пријателство. Како предводници на дипломатиите во трите држави на Балканот, членки на НАТО, преку кои се поврзува Јадранско со Црно Море, како претставници на земјите кои го поврзуваат истокот со западот на Балканот, сметам дека имаме обврска да ги премостиме географските, историските и политичките бариери кои го отежнуваат поврзувањето и ја обременуваат подлабоката соработка, нагласува Османи во писмото.