Осигурителните компании не ги поевтинија полисите. Препораката од Комисијата за автоодговорност, не ја прифатија и продолжија да продаваат за 15 отсто поскапо. Првичните информации беа дека ако фирмите до 30 април не ги вратат старите цени на полисите од пред 25 април во Министерство за финансии ќе има нов состанок за доставување на предлог до Владата за формирање на нов тарифник со кои директно би се влијаело на намалување на цените.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека до нив не стигнала одлуката за замрзнувањето на цените од осигурителните компании. Сега се чека деновиве да се одржи нов состанок, каде попрецизно ќе се дефинира по кои цени можат да се продаваат полисите. Ако повторно не ги поевтинат, Владата, која го има последниот збор, на седница ќе треба да донесе одлуката за ограничување на маржата, каде наместо сегашните не помалку од 15 отсто, премијата треба да се ограничи да не надминува 30 отсто, со што индиректно ќе се вратат цените како пред поскапувањето.
Граѓаните, пак, реагираат на поскапувањето, кое директно ќе ги зголеми трошоците за регистрација. Тие деновиве платија дополнителни од 840, до 1.600 денари, зависно од моќноста на возилата.
Ако останат ваквите цени можно e поскапат и услугите на автошколите. Велат дека зголемените цени на полисите директно ќе им се одразат врз работењето затоа што имаат повеќе возила.
Инаку од Агенцијата за супервизија на осигурувањето остануваат на ставот дека нема основ за зголемување на цените, бидејќи осигурителните компании и со старите билдаа високи профити. Само лани од задолжително автомобилско осигурување наплатиле 65 милиони евра. Од нив 11,5 милиони евра им дале на посредниците, односно на брокерите кои ги продаваат полисите за нив. Провизиите за нив се движат од 10 до 35 отсто од вредноста на полисата.