EPA-EFE/KIYOSHI OTA

Еден од подобрите НБА играчи, Демијан Лилард, јавно призна дека се чувствува многу осамено во Милвоки. МВП играчот од овогодишниот Ол-стар натпревар, во септември минатата година по 11 години го напушти Портланд и стана член на Милвоки.

Суперѕвездата, чие богатство се проценува на 100 милиони долари, не може со пари да ја купи среќата во Милвоки. Иако игра одлично, се чувствува многу лошо бидејќи му недостасува семејството и пријателите.

  • Одам на тренинг, па директно дома. Гледам бокс, играм игри. Пишувам на форум за бокс и се молам секогаш да има нешто ново, вели Лилард и додава:
  • Јас сум сериозен. Немам живот овде, но тоа се случува кога донесувате големи одлуки. Морам да се соочам со тоа. Ова е голема промена.

Семејството на славниот кошаркар престојува во Портланд.

  • Осамен сум затоа што навикнав моето семејство да е таму. Мојот живот е моето семејство. По натпреварите доаѓав дома и сите беа таму, децата ќе ме бодреа, мајка ми, брат ми, моите братучеди, сите живееја со мене. Моите најдобри пријатели живеат во Портланд. Излегувавме на вечера, се дружевме, одевме кај мајка ми. Јас сум возрасен маж, но сум осамен. Тие луѓе ми даваа енергија, признава асот на Бакс.

Лилард оваа сезона има просек од 24,5 поени, 6,8 асистенции и 4,4 скока по натпревар и има големи шанси да дојде до прстенот во НБА лигата, со оглед на одличната игра на својот тим кој моментно се наоѓа на третото место во Источната конференција.