Од утринава со стапување во сила на примирјето се смета дека се отвора патот за завршување на конфликтот, кој на 7 октомври влезе во втората година и зеде илјадници животи. Договорот меѓу Израел и Либан, по кој Хезболах сепак, не се изјасни, предвидува секој да се тргне од либанската граница – Хезболах да се откаже од своето присуство таму, а израелската војска да се повлече во својата земја. Хезболах прво треба да се повлече триесетина километри северно од фактичката израелско-либанска граница, а копнените трупи на Израел имаат рок од 60 дена да си заминат од Либан. Израелската армија нагласи дека нејзините војници засега ќе останат стационирани на југот на земјата и ги предупреди жителите на Либан од областите каде што претходно имало повици за евакуација да не се враќаат во своите села. Рускиот командант на Ракетните сили за стратешка намена, Сергеј Каракаев изјави дека Русија продолжува со работа на оперативни подготовки на новиот ракетен систем „Сармат“, кој е наменет за лансирање нуклеарни боеви глави кон цели на илјадници километри во САД и Европа
На источниот фронт, меѓу Израел и Хезболах во Либан, оружјето вчера замолкна. На северниот, пак, меѓу Русија и Украина сè повеќе расте заканата од нуклеарна војна.
Откако вчера ги обнови масовните воздушни напади во Либан, кои се сметаат за најтешки од почетокот на војната, Израел денеска рано изутрина „го складира“ оружјето, почитувајќи го договорот за прекин на огнот постигнат претходниот ден. Според новинските извештаи ден пред примирјето и Хезболах истрелал ракети кон Израел. Од изутринава, пак, со стапување во сила на примирјето се смета дека се отвора патот за завршување на конфликтот кој на 7 октомври влезе во втората година и зеде илјадници животи. Договорот меѓу Израел и Либан, по кој Хезболах, сепак, не се изјасни, предвидува секој да се тргне од либанската граница – Хезболах да се откаже од своето присуство таму, а израелската војска да се повлече во својата земја. Хезболах прво треба да се повлече на триесетина километри северно од фактичката израелско-либанска граница, а копнените трупи на Израел имаат рок од 60 дена да си заминат од Либан. Израелската армија нагласи дека нејзините војници засега ќе останат стационирани на југот на земјата и ги предупреди жителите на Либан од областите каде што претходно имало повици за евакуација да не се враќаат во своите села. Медиумите јавија дека веднаш по прогласување на примирјето, израелската војска пукала кон Либан, откако во забранетата зона идентификувала неколку возила во кои претпоставила дека се членови на Хезболах.
Според договорот за прекин на огнот, во кој имал увид Ројтерс, само официјалните воени и безбедносни сили во Либан имаат право да поседуваат оружје. И двете страни имаат обврска во целост да ја спроведат Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, која вклучува одредби за разоружување на сите вооружени групи во Либан.
Веста на денот светот ја слушна синоќа, кога израелски Канал 12 објави дека Израел го одобрил договорот, постигнат со посредство на САД и Франција. Неговото спроведување ќе го набљудуваат либански војници и сини шлемови од набљудувачката мисија на ОН – УНИФИЛ, како и комитетот со кој претседаваат САД. Сепак, ситуацијата и понатаму е многу кревка зашто Израелците нема да седат со скрстени раце ако Хезболах го прекрши договорот. Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, предупреди дека повторно ќе нападнат ако Хезболах не ги прекине сите акции против Израел.
-Времетраењето на прекинот на огнот зависи од тоа што ќе се случи во Либан. Израел ја задржува целосната воена слобода на дејствување. Сè уште нема официјална изјава од самиот Хезболах, рече тој.
Се огласи и Хамас, чиј официјален претставник, Сами Абу Зухри, како што пренесе Ројтерс, изјавил дека во целина го почитуваат правото на Либан да постигне спогодба за примирје и изразил надеж дека тој договор ќе го отвори патот и за завршување на војната во Газа. Тој го критикувал Нетанјаху, обвинувајќи го дека е виновен за неуспехот во постигнување на прекин на огнот во Газа. Тие преговори траат со месеци, а сегашните посредници, како на пример Катар, најавија дека ќе ги прекинат своите напори додека страните не бидат подготвени на компромис.
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден посочи дека и Палестинците во Газа заслужуваат сличен договор за крај на судирите, а францускиот претседател Емануел Макрон, потенцирајќи дека прекинот на огнот треба да се одржи трајно, рече и дека мора да отвори ново поглавје за Либан.
Американски владини кругови велат дека САД не преговарале за прекин на огнот со Хезболах, туку со либанската влада, па таа е одговорна за она што ќе се случува во Либан. Таа има обврска да распореди 5.000 војници на територијата покрај границата со Израел за да се осигури дека Хезболах нема повторно да ја изгради својата инфраструктура. Но, многумина се сомничави околу тоа дека либанската влада го има тој капацитет, со оглед на тоа што Хезболах, со арсеналот што сега го поседува е една од најсилните паравоени групи во светот.
Во Либан, според официјалните податоци при израелските напади од почетокот на војната се убиени повеќе од 3.700 луѓе, а околу 15.500 се повредени. Исто така, повеќе од 800.000 луѓе во Либан се раселени. На израелска страна се регистрирани 76 мртви, пред сè цивили, повеќе од 700 ранети и околу 60.000 евакуирани.
Додека таму оружјето мирува, во руско-украинскиот конфликт сè погласно ѕвечка, а решение нема. Ситуацијата се усложнува откако минатата недела кога се навршија 1.000 денови од конфликтот, САД и дозволија на Украина да ги користи нејзините ракети со дострел длабоко во руска територија, на што Русија, односно претседателот Владимир Путин одговори со измени на руската нуклеарна доктрина со кои практично дозволи употреба на нуклеарно оружје. Освен ова, според некои медиуми американската администрација најавила дека може да и го врати на Украина нуклеарното оружје што и го одзема по раздружувањето од Советскиот Сојуз. Со тоа вратата за светска нуклеарна војна се отвори уште пошироко, зашто од Русија дојде одговор дека испораката на нуклеарно оружје на Киев ќе се смета за напад на Русија.
Денеска рускиот командант на Ракетните сили за стратешка намена, Сергеј Каракаев, изјави дека Русија продолжува со работа на оперативни подготовки на новиот ракетен систем „Сармат“, кој е наменет за лансирање нуклеарни боеви глави кон цели на илјадници километри во САД и Европа. Сепак, досега голем број тестирања на овој систем беа неуспешни. А дека дипломатското решението на овој конфликт е далеку, потврди и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој како причина за тоа ја наведе „континуираната ескалација од страна на Западот“. Сергеј Наришкин, директор на Руската служба за надворешно разузнавање денеска рече дека Русија категорично ги отфрла и предлозите за замрзнување на конфликтот.
Во меѓувреме Русија почна да употребува пософистицирано оружје со подолг дострел, кое според Путин патува побрзо од звукот и не може да биде пресретнато. Како што рече, „орешник“ , кој веќе беше испален на украинска територија, може да се употреби против кој било украински сојузник чии проектили се користат за напад на Русија.