Оружјето за Израел низ Македонија поминало со полициско обезбедување

Низ земјава поминал 21 тон муниција во контејнер кој во моментов се наоѓа во грчкото пристаниште Пиреја поради истрага за неговата блокада организирана од страна на синдикалците на пристаништето. Откако дознале дека во контејнер на камион има тони куршуми кои требало да се товарат на бродот за Хаифа, десетици работници се собрале на портата на Пиреја и го запреле натоварениот камион на патот што водел до пристаништето. Грчката пристанишна полиција изјави дека камионот со товарот останува кај пристанишните власти и оти е започната истрага за инцидентот. Контејнерот имал важечка транзитна дозвола, а полицијата издала потерница по синдикалениот лидер.

91

Оружјето кое беше блокирано на грчкото пристаниште Пиреја со крајна цел Израел, поминало низ Македонија минатата среда и преку граничниот премин Богородица, влегло во соседна Грција, информираат за весникот ВЕЧЕР од МВР. Камионот бил со грчки регистерски таблички, а и возачот бил грчки државјанин кој според полицијата поседувал соодветно одобрение за превоз на оружје и муниција при извоз издадена од министерството за внатрешни. Цело време додека оружјето транзитирало низ земјава било придружувано од македонската полиција, велат од МВР. Контејнерот требало да биде натоварен на брод со знамето на Маршалските острови и требало да заплови за Израел, пренесуваат странските медиуми. Блокадата ја организирал синдикатот на работници кои ракуваат со контејнерите, на подружница од пристаништето во кинеска сопственост. Додека го запирале камионот синдикалците извикувале  „Слобода за Палестина“, а на контејнерот со спреј ги испрскале зборовите: „Убијци, излезете од пристаништето“. На твитер платформата беше објавено дека работниците од Пиреја цела ноќ го блокирале контејнерот за Израел и оти бродот ,,Марла БЛУ,, испловил, но без оружје.

Грчката пристанишна полиција изјави дека камионот со товарот останува кај пристанишните власти и оти е започната истрага за инцидентот. Контејнерот имал важечка транзитна дозвола, а полицијата издала потерница по синдикалениот лидер.

Амнести интернешнел бара од европските земји да престанат да му продаваат оружје на Израел

Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешнел изрази загриженост поради продолжувањето на продажбата на оружје од европските земји на Израел, повикувајќи на целосно „ембарго на оружјето“ поради „сериозно прекршување на човековите права“.

Државите треба еднострано да му воведат ембарго на Израел, кое ќе ги вклучува не само оружјето и системите што доаѓаат од нивните држави, туку и запирање на учеството во синџирите на снабдување на оружени системи што на крај завршуваат во Израел“, рече Патрик Вилкен, политички советник на Амнести интернешнел за контрола на оружјето и истражувач за заштита на човековите права, во интервју за Анадолу.

Европските земји се потписнички на Договорот за трговија со оружје од 2013 година, кој им забранува да дозволуваат трансфер на оружје што би можело да се користи во напади врз цивилни цели, наведува агенцијата.

Вилкен ја нагласи важноста на почитувањето на меѓународните правни обврски, вклучително и Договорот за трговија со оружје, со цел да се спречи трансферот на оружје во конфликтните зони и да се запазат принципите на заштита на човековите права.Според Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), САД се најголемиот снабдувач на оружје за Израел.

Германија е најголемиот снабдувач на оружје на Израел од Европа, соопшти СИПРИ.

Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) забележа: „Во изминатата деценија Израел значително го зголеми увозот на оружје. СИПРИ проценува дека во петгодишниот период 2019-23, Израел бил 15-ти најголем увозник на големо оружје во светот, со 2,1 отсто од глобалниот увоз на оружје во тој период. Во 2009-13 година се рангираше само на 47 место. (П.А)