Орторексија или Кога премногу здраво станува нездраво

125

Точните причинители на орторексијата се уште се утврдуваат, а досегашните истражувања покажуваат дека личностите со претходни нарушувања во исхраната, како и со опсесивно-компулзивни нарушувања, перфекционистите и анксиозните личности имаат поголема склоност да станат зависници од „здрава исхрана“.

Личностите кои боледуваат од орторексија се фокусирани на квалитетот наместо на квантитетот на храната, што досега не беше случај кај нарушувањата во исхраната.

Имено, средиштето на проблемот кај личностите коишто боледуваат од нарушувања во исхраната како анорексија, булимија или прејадување е исклучиво во количеството храна што се внесува, односно не се внесува во организмот.

Орторексијата најчесто почнува со желба да се јаде „поздраво“ и менито „да се исчисти“ од нездрави продукти.

Првите симптоми започнуваат многу невино, генерално со избегнување на бројни омразени адитиви, потоа генетски модифицирана храна, конзерванси и сл., што на прва рака се чини навистина како грижа за сопственото здравје. Следниот чекор е опсесивното проверување на баш секој продукт, а потоа тежнеењето продуктите да се консумираат што поблиску до нивната природна состојба.

Со текот на времето, опседнатоста со квалитетот и подготовката на продуктите станува толку голема што ги попречува секојдневните активности и односи.

Засега орторексијата не е формално вброена меѓу менталните нарушувања, па не може со сигурност да се тврди колку луѓе се заболени, но според зборовите на Пола Кватромони, професорка по нутриционизам и епидемиологија од Бостонскиот универзитет и една од водечките експерти за нарушувања во исхраната и спортската исхрана во Соединетите Американски Држави, орторексијата е во постојан пораст.

За ова нарушување често се обвинува речиси фанатично пропагирање на здрава исхрана преку социјалните мрежи, особено кога објавите доаѓаат од познати личности. Истражувања покажуваат дека токму личностите чија кариера е поврзана со здрав начин на живот имаат голем ризик да се разболат од ова нарушување како здравствени работници, оперски пејачи, балерини и балетани, музичари од симфониски оркестар, како и спортисти.

За својата шестгодишна борба со анорексијата проговори дваесет и седумгодишната атлетичарка Рејчел Стеил, која кажа дека на врвот од нарушувањето кожата и била целосно портокалова од количеството овошје коешто го консумирала секојдневно.

Точните причинители на орторексијата уште се утврдуваат, а досегашните истражувања покажуваат дека личностите со претходни нарушувања во исхраната, како и со опсесивно-компулзивни нарушувања, перфекционистите и анксиозните личности се поподатливи да станат зависници од „здрава исхрана“.

Орторексијата може да биде поттикната од желба за контрола, за слабеење, од обиди за изградба на повисок степен на самодоверба, од тежнеење за совладување на стравовите, од обид за пронаоѓање духовност и од барање на сопствениот идентитет преку храната.

Стручњаците предупредуваат дека општеството очигледно е полно со неразбирање на психичките нарушувања, а особено на прехранбените нарушувања, за кои пречесто се смета дека се своеволен избор на заболените. Треба да се нагласи дека нарушувањата во исхраната за разлика од многу други ментални нарушувања често се поврзани со директната загрозеност на животот на самиот заболен. Најрадикален пример се анорексијата и булимијата за кои општеството и понатаму, по бројни обиди за едукација, нема премногу разбирање и ги смета за своевиден „каприц“.

Разбирањето и освестувањето на овој растечки проблем на модерното општество, јавните настапи и отворениот разговор за проблемот се најдобриот пат до пронаоѓање на решение и излекување.