Група од триесетина лица од средата се забележени како неовластено собираат отпаден материјал (пластика и железо) од Градската депонија во Кочани.
Бидејќи се работело за поголема организирана група, стражарската служба во депонијата не можела да се справи со нив, па побарала интервенција од полицијата за да ги отстрани лицата кои неовластено спроведуваат активности во Градската депонија.
-Откако неовластените лица во крајно тензична атмосфера беа отстранети од депонијата, беше евидентно дека тие со повеќе патнички моторни возила изнесоа поголемо количество отпад од Градската депонија, што го транспортираа кон населените места во Кочани – соопштија од КЈП „Кочани“.
Оттаму додаваат дека ваквите неовластени влегувања во Градската депонија од поединци или од организирани групи претставуваат сериозна закана за работењето и преземањето на работни активности во депонијата од страна на економскиот оператор кој е задолжен за одржување на депонијата.
Исто така, во изминатите неколку денови било забележано и палење на отпаден материјал (кабли) и садови за отпад (контејнери) на повеќе локации во Кочани, за што е известен и овластениот комунален инспектор од Општина Кочани. Оттаму добиле одговор дека било постапувано во пет одвоени случаи, а се изречени и две прекршочни казни.
Од КЈП „Водовод” информираат дека приватните превозници на отпад и граѓаните може да го депонираат отпадот на Градската депонија, секој ден од 08 часот до 16 часот. Притоа, задолжително треба да се придржуваат до распоредот и начинот на кипање кој ќе го определи стражарската служба на Градската депонија.
Нагласуваат дека најстрого е забрането депонирање на отпад од гума и метал.