Орбан во четврток доаѓа во дводневна посета на Македонија

457

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во четврток доаѓа во дводневна официјална посета на Македонија, заедно со делегација од унгарската влада. Како што информираа од македонската Влада, премиерот Христијан Мицкоски и неговиот колега Орбан ќе имаат официјална тет-а-тет средба во петок во Охрид. Дополнително, во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, а во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница, по што е најавена прес-конференција на која ќе се обратат двајцата премиери.

-На маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во градот Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а свежо цвеќе премиерите на двете земји ќе положат на споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид, стои во владиното соопштение.