Орбан во нов сојуз со австриските и чешките десничари

626

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го претстави новиот сојуз со австриската крајно десничарска Партија на слободата и главната чешка опозициска партија АНО, која се надева дека ќе привлече други партнери и ќе стане најголемата десничарска група во Европскиот парламент.

Во Виена, Орбан го претстави сојузот на неговата партија Фидес „Патриоти за Европа“ со австриската Партија на слободата и партијата на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, еден ден пред Унгарија да го преземе шестмесечното ротирачко претседавање со Европската унија.

„Патриотски манифест за иднината на Европа“ потпишан од трите партиски водачи ги оспорува наводните планови за „европска централна држава“ и ветува дека „ќе му даде приоритет на суверенитетот пред федерализмот и слободата пред диктатите“.

„Нашата цел е за кратко време да бидеме најсилната десничарска група во Европскиот парламент“, рече Орбан. Европејците сакаат три работи: мир, ред и развој“, рече Орбан на денешниот настан. „И она што денес го добиваат од елитата во Брисел е војна, миграција и стагнација“.

Таа тројка ќе мора да привлече пратеници од најмалку четири други земји од ЕУ за успешно да формираат група во новото свикување на парламентот.

Изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни ги зајакнаа десничарските партии, иако нивните резултати се разликуваа од земја до земја, но остана нејасно до кој степен ќе успеат да работат заедно. Досега во парламентот беа поделени во две групи.

Во последниве години, Орбан уживаше во способноста да ги блокира одлуките на ЕУ, спротивставувајќи се на повеќето други лидери за прашања како што се војната во Украина, односите со Русија и Кина и напорите за одбрана на демократијата и владеењето на правото.