Општина Центар ќе субвенционира поправка и санација на покриви и лифтови во зградите

45

Општина Центар објави Jавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојните кровни конструкции и постојните лифтови во станбените згради на нејзиното подрачје, што се во согласност со Програмата за комунални дејности за 2023 година.

Јавниот повик се однесува на финансиска поддршка за поправка на технички неисправни лифтови, како и модернизација и подобрување на безбедноста на постојните лифтови. Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и на кровни покривачи, соопштија од Општина Центар, e насочена кон замена на постојните со еколошки и нивна реконструкција, во согласност со условите и критериумите за учество.

– Проектот е поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар во висина од 30 проценти од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на постојните кровни конструкции и во висина од 30 проценти од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови. Сопствениците на посебни делови треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 проценти од вкупниот износ од вредноста – појаснуваат од општината.

Пријавите со целосна документација треба да се достават во архивата на Општина Центар, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, во периодот од 8 мај до 8 јуни 2023 година.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден – прв услужен, а право на учество ќе имаат заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар.

Повеќе информации за условите и критериумите заинтересираните можат да најдат на следниот линк: https://www.centar.gov.mk/?p=17263