Општина Центар финансиски поддржува проекти од сите области на културата

144

Општина Центар објави конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата. Според конкурсот, проектот треба да содржи минимум три од следниве услови за да биде разгледан од комисијата за рангирање на пријавите од здруженијата на граѓани и од регистрираните организации во областа на културата: да е нов и иновативен на полето на современата уметност; да овозможува достапност и пристап на културата до граѓаните; да вклучува активности за различни старосни групи; да ги афирмира младите професионалци на полето на современите уметности и да промовира нови и иновативни изрази во уметноста.

Право на учество на конкурсот ќе имаат здруженијата на граѓани и регистрираните организации на полето на културата со седиште на територијата на Општина Центар, како матична општина каде што физички ќе се реализираат проектите.

Во согласност со Програмата за култура на Општина Центар за 2024 година, здруженијата и организациите треба да понудат креативни и иновативни проекти со осмислени програми и содржини што може да се имплементираат за следниве настани: Светски ден на уметноста – 15 Април, Светски ден на поезијата – 21 Март, Светски ден на музиката – 21 Јуни и Светски ден на аудиовизуелното наследство – 27 Октомври.

Проектите ќе се евалуираат од стручна комисија формирана од градоначалникот на Општина Центар – Скопје.

Критериумите за евалуација на квалитетот на проектот се: треба да содржи најмалку три од наведените услови за конкурирање; да има стручни кадри што ќе бидат вклучени во проектот; да има добро формулирани цели и ефекти од имплементацијата на проектот; да содржи план за вклученост на заедницата во реализација на проектот и да работи на афирмирање и анимирање на нови културни простори во Општината.

Рок за поднесување на пријавите е 10 дена од денот на објавување на конкурсот на веб-страницата на Општина Центар.

Проектите поддржани со овој конкурс ќе бидат составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар – Скопје за 2024 година. Износот на финансиската поддршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно со големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и буџетот на Општината. Здруженијата, учесници на конкурсот, ќе бидат известени за резултатите по завршување на рангирањето на пријавите од комисијата. Општина Центар ќе склучи договор за финансирање со субјектот чиј проект ќе биде избран на конкурсот.