Општина Кисела Вода го реобјавува Меѓународниот конкурс за идејниот лик на Расадник

215

Општина Кисела Вода го реобјавува меѓународниот конкурс за идејниот лик на градскиот кварт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник. Првиот конкурс беше поништен од конкурсната комисија поради недоволниот број пристигнати трудови. На новиот конкурс не е поставен лимит за пристигнати трудови и на него ќе можат да конкурираат и студентите без проектантско биро.

– Меѓународен конкурс за идејниот лик на градскиот кварт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник, е своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското дејствување во Македонија, бидејќи овозможува одговорно, стручно и хумано планирање на ликот на оваа урбана заедница. Не ги добивме посакуваните решенија во првиот обид, кога и покрај големата заинтересираност, имаше недоволен број пријави, па мораше да се поништи конкурсот. Сепак, Општина Кисела Вода не се обесхрабри во намерата Расадник да биде пристојно и хумано место за живот – потенцираат од Општина Кисела Вода.

Оттаму објаснуваат дека комисијата, веднаш по завршувањето на конкурсот, направила опсежна анализа за причините за недоволниот број пријавени апликации. Во изминатиов период се одржаа состаноци со Архитектонскиот факултет, Комората на архитекти и со Асоцијацијата на архитекти на Македонија и се направија анкети на сите заинтересирани потенцијални апликанти, по што мешовитата работна група од трите институции и Општината ги вклучи насоките добиени од Факултетот и од професионалната заедница во конкурсната документација.

– Олеснет процес за конкурирање, со новиот дополнет текст, имаат и студентите, кои можат да конкурираат без проектантско биро, а дополнително сите конкурсни документи сега ќе може да се стават на електронски медиум (ЦД,УСБ, итн.) и во затворен коверт со другата документација, по брза пошта, да се достават до Општината. Ова значително финансиски им помага на странските учесници и беше дел од нивните барања – велат од Општината.

Новиот меѓународниот конкурс за Расадник во наредните четири месеци ќе биде предизвик за сите оние што ќе понудат иновативни решенија и ќе обезбедат квалитетно, одржливо, хумано, здраво живеење и заштита на животната средина за жителите на Кисела Вода. До 3 јули годинава, конкурсот ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

(С.Бл.)