Опозицијата предупредува јавниот долг ќе расте, a власта тврди дека ќе се работи домаќински

23

По завршување на општиот претрес вчера продолжи амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет за Предлог-буџетот за 2025 година. Поднесени се вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Пратениците од власта и опозицијата повторно ги спротивставија ставовите. Според едните, буџетот е развоен и домаќински, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.

Опозицијата останува на ставот дека проекцијата на државната каса е без визија која и натаму ќе го зголемува јавниот долг.

-Првиот предлог Буџет за 2025 година на актуелната власт на ДПМНЕ е расипнички, недомаќински и наместо за граѓаните направен е само за задоволување на власта. Буџетот е тежок 6,5 милијарди евра, толку планира власта да земе од граѓаните и да потроши. Но, наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за дури 75%. За купување мебел власта предвидува 5 пати повеќе пари во исто време кога ги зголемува глобите и административните такси за нови 11 милиони евра. Владата предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги а во истиот момент ги крати капиталните расходи во клучни сектори како образованието и здравството, рече денеска пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.

Според неа, расипничкото однесување се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој со новите долгови ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8%. Намалени се и парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Истовремено парите за поддршка на странски компании се зголемени.

-Оваа политика на запоставување на домашните компании и фаворизирање на странските ги става македонските работници во подредена позиција, води кон економска нееднаквост и ниски плати. Дополнително, во Буџетот ги нема ниту најавените 250 милиони евра за општините. Парите за земјоделството се намалени за 15,7% а програмата за рурален развој се намалува за 10 пати. Руралната програма е многу важна за младите земјоделци, за набавка на стока, нова механизација, но и за инвестиции во проекти на општините, смета Лукаревска.

Таа напомена дека „СДСМ како одговорна опозиција со поднесување на над 200 амандмани се бори за граѓаните и подобрување на Буџетот за се обезбедат економски раст, поголеми плати и подобар животен стандард. Бараме зголемување на платите во секторите каде вработените се од витално значење за услугите на граѓаните, како образованието, јавниот сектор, полицијата, пожарникарите. За вработените во Министерството за внатрешни работи бараме покачување на платите за 20%, како и средства за набавка на современа технолошка опрема за зголемување на безбедноста на граѓаните“.

Од Европскиот фронт поднесоа 50 амандмани за кои пратеничката од редовите на коалицијата рече овој предлог буџет е далеку од развоен буџет и во него нема правична распределба на средствата.

-Имаме еклатантно зголемување на буџетските расходи додека приходите остануваат недоволни за исполнување на желбите на власта, а тоа се должи на непочитување на фискалните правила сега дефинирани веќе и со закон. По долги години капиталните расходи се пониски од буџетскиот дефицит, кој е зголемен во однос на 2024 година, вели Рина Ајдари од Европски фронт.

Рековте дека ќе има фискална консолидација за да имаме умерена задолженост но наместо тоа вие ја задолживте државата со нови 500 милиони евра. Ова во својата критика кон предлог буџетот го рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски од СДСМ.

-Кога сме кај јавниот долг власта на СДСМ ја предаде Владата во јуни 2024 година со јавен долг од 55%, а денес во ноември 2024 година јавниот долг веќе е 65%, што значи не е точно дека новата Влада ќе направи консолидација и намалување на задолжувањето, туку напротив не дозадолживте за нови, дополнителни 10 % од бруто-домашниот производ, изјави Бочварски.

Со контра став излез заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, кој рече дека опозицијата нема право да критикува бидејќи додека беше власт буџетскиот дефицит беше голем.

-2024 ќе биде 4,7%, за 2025 го планираме на 4%. Согласно фискалната стратегија 2025-29 година ќе стигнеме до фискалното правило 3% буџетски дефицит и јавниот долг да биде во рамките на психолошката граница од 60%, изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ во однос на критиките за јавниот долг тврдеше дека откако тие се на власт тој се намалува.

-На Отворени финансии за кои што вие пред малку излажавте дека 10% е покачен долгот, знаете што кажува? Квартал три од кога ВМРО-ДПМНЕ ја преземала власта на отворени финансии е 56,9%. Јавниот долг паѓа. Еве Отворени финансии истото тоа што вие го исцитиравте, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Буџет за 2025 ќе изнесува речиси 6,5 милијарди евра во кој се предвидени 10 проценти повеќе расходи од буџетот годинава. Дефицитот од 700 илјади евра е биде покриен со заеми коишто ќе ги зема Владата.

Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.