Опера „Магбет“ со Борис Трајанов и Весна Ѓиновска-Илкова

152

Во Националната опера и балет на 21 февруари, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена операта „Магбет“. Драмата, можеби една од најзначајните на Шекспир, ги отвора прашањата за човековата психологија, алчност и желбата за власт кои го уништуваат здравиот разум.

Ова е оперското дело со кое Џузепе Верди воспоставува уметничка врска со Шекспировите драми, па правејќи бројни исклучоци од традиционалната италијанска опера и промена во личниот музички израз, ни ја претставува приказната за деструктивноста на човековата природа, преку главните ликови на Магбет и Леди Магбет. Состојбата на нивниот дух која носи фатални последици и загрозува многу човечки судбини, на сцената на Националната опера и балет ќе ја донесат првенците Борис Трајанов и Весна Ѓиновска-Илкова.

Диригентската палка, овој пат е во рацете на маестро Диего Гарсија Родригез од Шпанија. Во останатите улоги настапуваат: Александар Стефаноски, Никола Стојчески, Катерина Митева, Дејан Стоев, Диме Петров, Борко Биџовски, Марко Гапо, Димитар Кожухаров, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на НОБ.

Режисер е Марко Спада (Италија), а сценограф Мауро Тинти (Италија).