Опасниот надвозник во Визбегово ќе биде затворен за сообраќај

164

Општина Бутел денеска побара од МВР да забрани движење на тешки товарни возила по мостот во Визбегово. Забраната ќе трае сè додека не се утврди во чија надлежност е надвозникот и кој треба да го поправи, бидејќи е нестабилен и бидејќи висат парчиња бетон од него, кои се опасност за луѓето и за возилата што поминуваат по магистралниот пат кон Косово.

– Направиме увид во состојбата на надвозникот. Спорна е надлежноста, бидејќи тој е над магистрален пат, за кој би требало да биде одговорно Јавното претпријатие за државни патишта. Како второ, неофицијално дознаваме дека во 2011 година, тој му бил доделен на Град Скопје, а постои и студија и се предвидува булеварско решение овде, од клучката кај Момин Поток со автопатско решение до границата – објаснуваат од Општина Бутел. 

Проблемот со надвозникот во Визбегово се актуализираше пред еден месец од директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој направи увид на конструкцијата и рече дека може да се урне во секој момент. Ангелов потенцира дека стручни лица му укажале за потенцијалната опасност, бидејќи токму по овој надвозник секојдневно поминуваат десетици градежни камиони. И жителите на Визбегово реагираат дека надвозникот не е сигурен ниту за возачите ниту за пешаците.

Од ЦУК неколку пати побарале од „Македонија пат“ и од Општина Бутел да интервенираат за решавање на проблемот.

(А.П.)