„Имаме 60 цртежи – уметнички дела изработени од наши ученици со посебни потреби заедно со нивните соученици и наставници. Како образовна институција очекуваме фирмите и компаниите од нашата земја активно да учествуваат на овој фандрејзинг настан, да откупат цртежи и на тој начин да придонесат за доопремување на училишната сензорна соба“, изјави за весникот ВЕЧЕР Соња Кирковска, директорка на ООУ „Св. Кирил и Методиј“
Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од скопската општина „Центар“ на 20 мај (четврток) со почеток од 12 часот со повеќе активности свечено ќе го одбележи својот патронен празник 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата свети Кирил и Методиј, како и 185 години од своето постоење.
Настанот, кој ќе се случува во училишниот двор на ова најстаро основно училиште во нашата земја, ќе вклучува мини приредба на учениците, промоција на првото дигитално издание на училишниот весник „КИМ“ и фандрејзинг настан со изложба на цртежи. Собраните средства од купените цртежи ќе бидат искористени за опремување на училишната сензорна соба која ќе ја користат децата со посебни образовни потреби.
„Имаме 60 цртежи – уметнички дела изработени од наши ученици со посебни потреби заедно со нивните соученици и наставници. Како образовна институција очекуваме фирмите и компаниите од нашата земја активно да учествуваат на овој настан, да откупат цртежи и на тој начин да придонесат за доопремување на училишната сензорна соба. Притоа тие преку својата општествена одговорност ќе придонесат за подобро образование на децата кои се идни чинители во нашата држава. Сметам дека покрај МОН и општините, и другите општествени фактори треба да се свесни и одговорни и да помагаат, а со оваа наша хуманитарна акција сакаме да ги поттикнеме, да им дадеме шанса и идеја на сите оние кои и не знаат како да се вклучат и да помогнат на овој начин“, изјави за весникот ВЕЧЕР Соња Кирковска, директорка на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ истакнувајќи дека ова е втора ваква хуманитарна акција за собирање средства за сензорната соба, по одржаната „Тивка онлајн аукција“ во декември минатата година.
Како што посочува Кирковска, иако се најстаро основно училиште во земјата сепак се во тек со сите активности кои се глобално атрактивни. „Промовираме нов начин на учење преку изработка на електронски весник, а годинава имаме и стекнато повеќе знаења и техники, како и ИКТ вештини. Ние сме едни од ретките училишта кои ќе имаат електронски онлајн весник“, додаде таа.
Фандрејзинг настанот насловен „Различностите се факт, инклузијата е акт“ ќе се реализира заедно со „Отворете ги прозорците“ – здружение за асистивна технологија, а е потпомогнат од Детската фондација Песталоци. Свечениот настан ќе се одржи со физичко присуство со почитување на протоколите за заштита од ковид-19. Настанот е од отворен тип и училиштето ги повикува на хуманост и општествена одговорност сите компании и поединци да бидат дел од оваа убава приказна. (Н.И.Т.)