Бројот на екстремни временски нeпогоди е пет пати поголем во последните 50 години и тие предизвикаа поголема штета, но и помалку жртви, благодарение на подобрите системи за рано предупредување, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен денеска.

Според Атласот на Светската метеоролошка организација, кој го евидентира бројот на жртви и економски штети предизвикани од екстремни метеоролошки услови, климатски и хидролошки, од 1970 до 2019 година, овие катастрофи се петпати почести во тој период.

„Бројот на екстремни метеоролошки појави, климатски и хидролошки, продолжува да се зголемува. Поради климатските промени, тие ќе станат почести и посилни во многу делови на светот, предупреди генералниот секретар на Светската метеоролошка организација“, Петери Талас.

Во последните 50 години се случија повеќе од 11.000 катастрофи во светот, при што загинаа повеќе од два милиона луѓе, а штетата се проценува на 3,640 милијарди долари (повеќе од 3,080 милијарди евра).

Во просек, во тие 50 години е регистрирана по една метеоролошка катастрофа, климатска или хидролошка, секој ден, предизвикувајќи штета од 202 милиони долари.

Најголемиот број смртни случаи во тие 50 години – речиси 650.000 луѓе, се предизвикани поради суши. Потоа следат бурите, со повеќе од 577.000 загинати, поплавите, со 58.700 загинати, како и екстремните температури, од што настрадале речиси 56.000 лица.

Од друга страна, подобрувањето на системот за рано предупредување и управување со катастрофи овозможи значително намалување на бројот на жртвите.