Обединетите нации денеска побараа од земјите-членки и од приватниот сектор да издвојат 100 милијарди долари до 2026 година за побрзо надминување на „светскиот дигитален јаз“. Ова е три пати повеќе од првично планираната сума.
Околу 2,7 милијарди луѓе во светот немаа пристап до Интернет во 2022 година, од вкупно осум милијарди. Ова го посочуваат податоците на Меѓународната телекомуникациска унија, специјализирана агенција на Обединетите нации.
„Дигиталниот јаз што ги дели развиените земји од остатокот од светот се зголемува“, предупреди специјализираната агенција на ОН, повикувајќи повеќе ресурси да се посветат на поврзувањето и дигитализацијата во помалку развиените земји.
„Технологијата е на врвот на светските приоритети, но придобивките од дигиталната технологија сè уште се недостапни за многу луѓе“, рече шефицата на агенцијата на ОН, Дорин Богдан-Мартин.
„Ако навистина сакаме да го дигитализираме светот на значаен и одржлив начин, треба да преземеме акција за да ја забрзаме дигиталната трансформација за сите“, инсистира таа.
Во 46-те најмалку развиени земји живее речиси една третина од светското население без интернет конекција, објави Меѓународната телекомуникациска унија. Пристапот до Интернет се смета за прескап во сите, освен во две од овие земји, според организацијата на Обединетите нации.
За да ја промени оваа ситуација, агенцијата ја лансираше дигиталната коалиција „Partner2Connect“ во септември 2021 година. Таа има за цел да користи јавно-приватно партнерство за да помогне да се поттикне дигитализацијата во заедниците каде пристапот до интернет е најтежок, вклучувајќи ги помалку развиените земји, енклавните земји во развој и малите островски држави.
Оваа коалиција почна да бара директно финансирање минатиот февруари и досега доби ветувања во вредност од 30 милијарди долари. Дванаесет милијарди долари би можеле да им помогнат на најсиромашните земји да добијат побрз пристап до интернет.