Омилениот српски рокер повторно со нас – Бајага и „Инструктори“ во Скопје, на 9 декември – „Од другата страна на перницата“

126

Како што се наближуваат студените зимски денови така зачестуваат и концертите на голем број естрадни ѕвезди од некогашна Југославија. Меѓу нив и концертот на секогаш популарниот српски рокер Момчило Бајагиќ-Бајага со неговите „Инструктори“. Концертот за кој однапред се знае дека ќе биде вистинско уживање го организира „Авалон продукција“, а датумот е 9 декември, во скопскиот СЦ „Јане Сандански“.

– Во годината кога „Авалон“ слави 30 години, готово невозможно е прославата во декември да започне без голем концерт на Бајага во Скопје. Особено што имаме извонредна сала како „Јане Сандански“, која е создадена за ваков тип концертни настани.

А, и многу аеродромци ќе се потсетат како го гледале Момчило низ населбата (некогаш рано наутро, некогаш доцна навечер) во 1993, 1994, 1995 година… меѓу настапите низ Македонија, чудејќи се што прави во Скопје. Кругот не е круг ако не се затвори – порачуваат организаторите.

Во изминатиов период, Бајага и „Инструктори“ напишаа многу хитови, стекнувајќи се со бесмртен хитовски статус. Сето тоа прави овие српски рокери да останат една од најпосакуваните регионални атракции до денешен ден, и тоа со повеќе од два и пол часа тотално хитовска програма. Бидејќи, да не се лажеме, сепак, никој нема толку многу хитови како Бајага во својата долгогодишна рокерска кариера.