Оливера Николова – од раскажувач на детските мечти до романсиер со феминистички предзнак; Комеморација за македонската писателка за деца и возрасни

27

-Оливера Николова ни остави огромно дело кое полека го освојува светот и сведочи за нас и за нашата култура. „Зоки Поки“ веќе ги освои Јапонија и Скандинавија и поголем дел од Европа, но интересно ќе биде да се следи патот по кој нејзините романи ќе бидат откривани и преведувани за да бидат силни амбасадори на нашето битисување и фактор за нашето опстојување како култура. Таа е само навидум во минатото. Всушност, е силен фактор што ќе продолжи да го поткрепува нашето опстојување и на оние по нас – рече претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, на денешната комеморација одржана за македонска писателка за деца и возрасни Оливера Николова, која почина на 3 ноември, на 88-годишна возраст во Скопје.

Иако кратко ја познавав Оливера лично, рече Грозданоски, видов колку е својствено за неа заедништвото, онаа љубов кон ближниот, а од тој порив за содругарство произлегува и нејзината грижа за другите.

-Оливера го има дарот да се слее со духот на светот во совремието и токму од таа слеаност произлегува специфичната ангажираност во нејзините дела. Ангажираност во најубава и најненаметлива смисла на зборот – додаде Грозданоски.

Академик Катица Ќулавкова, на комеморацијата рече дека Николова била и останала да биде гатач на загадочните писмо и јазик на човечкото суштество.

– Оливера е читач на љубовта и на омразата, на доброто и на злото, испреплетени во неразмрсливи јазли. Шеесет години живот целосно посветен на уметноста на јазикот, раскажувањето и книжевноста, исконската посветеност, ненаметлива, достоинствена, самосвесна. Од раскажувач и драматург на авантурите на детските сништа и мечти, Оливера стана раскажувач и романсиер кој ги промислува авантурите со женствен и феминистички предзнак на жената од нашите македонски балкански и европски простори, во минатото и денес. Тоа го направи во романите „Адамовото ребро“, „Куклите на Росица“… Таа раскажа на постмодерен начин приказни за хибридниот идентитет, карактеристичен за овие простори и, за жал, не само во минатото – рече Ќулавкова.

Како што посочи таа, во романот „Песот со тажен поглед“, Оливера доловува еден друг вид трауматизирање на смислата на постоењето во Скопје, за време на балканските војни и на Првата светска војна.

– Таа покажа дека токму кога е загрозен човечкиот живот, се создаваат услови за појава на човештината, хуманоста и емпатијата во нивната суштествена форма. Во книгата раскази „Кадифената покривка“, таа повторно се враќа на темата на жената, но овој пат навлегувајќи во најмрачните предели на женската психа и кога е во улога на мајка, и кога е во улога на револуционер или бунтовник, и во улога на терорист и во улога на сопруга и љубовница. И во оваа книга, Оливера ја покажа својата раскажувачка генијалност и мајсторство на неповторлив начин – додаде Ќулавкова.

Оливера Николова (1936-2024) е една од најзначајните и најплодни македонски писателки која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век.