Банкарската 2024 година ќе заврши со намалени каматни стапки и зголемена побарувачка за кредити од компаниите и домаќинствата, покажуваат најновите податоци на Народната банка на Македонија (НБМ). Просечната камата за новоодобрени кредити за компании, за првпат по една година, е намалена под 5 отсто.
Според НБМ, банките очекуваат тренд на натамошно олеснување на кредитните услови до крајот на годината, особено за претпријатијата. Заклучно со октомври, вкупната задолженост на компании и домаќинства достигна 7,7 милијарди евра, што претставува раст од 9,2 отсто на годишно ниво.
Компаниите бележат зголемена кредитна активност, при што задолженоста на фирмите на крајот на октомври достигна 3,74 милијарди евра, што е годишен раст од 10,4 отсто.
Каматните стапки за кредити на компаниите бележат позитивен тренд. Просечната камата за новоодобрени кредити падна на 4,78 отсто во септември 2024, што е значително намалување во споредба со 5,30 отсто во истиот период минатата година.
Каматата на вкупните кредити за компании е исто така намалена на 5,15 отсто, најниско ниво од септември 2023 година.
Домаќинствата исто така покажуваат зголемена кредитна побарувачка. Заклучно со октомври, вкупната задолженост на домаќинствата изнесува 3,98 милијарди евра, што е годишен раст од 8,2 отсто.
Камата за новоодобрени кредити е намалена на 5,27 отсто во септември 2024, наспроти 5,47 отсто една година порано.
На вкупни кредити каматата е зголемена на 5,66 отсто, но трендот на пониски камати за новоодобрени кредити укажува на олеснување на условите.
Очекувања за четвртиот квартал на 2024 година од компаниите се дека ќе има засилено нето-зголемување на кредитната побарувачка, со натамошно намалување на каматните стапки за големите и средните банки.
И за домаќинствата ќе има олеснување на кредитните услови, особено за станбените и потрошувачките кредити.
Иако големите банки очекуваат олеснување, малите банки предвидуваат стагнација или заострување на условите. 2024 година ја одбележува трендот на пониски камати и полесни услови за кредитирање, што ја стимулира побарувачката за кредити. Компаниите и домаќинствата искористуваат пониски камати и зголемена достапност на финансиски средства, што претставува позитивен сигнал за економијата.