Околу 6 милиони дизел возила од Германија ќе завршат на пазарите во Македонија, Србија, Бугарија…

Праксата од минатите години покажува дека најчесто купувачи на половни дизел возила што доаѓаат од Германија и Италија се жителите на Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија кои што немаат стандард да купуваат нови возила или на електричен погон

420

Германците не знаат што да направат и како да се ослободат од  околу шест милиони дизел возилата, вредни над десет милијарди евра  бидејќи на пазарот се повеќе се бараат електрични возила, хибридни и на бензин. Годинава во Германија се очекува да бидат произведени половина милион возила на електричен погон. Аналитичарите очекуваат токму 2020 г. да биде година на електричните автомобили со пораст на продажбата за 5,5 проценти. Новина е што европските купувачите годинава ќе имаат избор од дури 175 електрични модели, а во Германија првпат значителен број на службени возила што ќе возат по улиците се произведени во фабриката „Тесла“.

Најчесто купувачи на половни дизел возила што доаѓаат од Германија и Италија се жителите на Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија кои што немаат стандард да купуваат нови возила или на електричен погон.

Во  моментов во Македонија има околу 150 регистрирани плацови за продажба на половни автомобили каде најчесто се нудат возила по цена од 2.500 до 5.000 евра. Просечно во земјава на годишно ниво се увезуваат од 30.000 до 35.000 стари возила.

Во Германија, цената на дизел возилата постојано опаѓа бидејќи во многу градови е ограничено нивното движење во центарот на градот. Дизел возилата со еуро стандард 5 не можат да се продадат, а слабо оди и продажбата на еуро стандард 6 половните возила- пренесува RTS.

Новите дизел возила со еуро стандард 6 се сè поевтини. Германците не сакаат да купуваат дизел возила. Околу 6 милиони дизел возила во Германија го чекаат наредниот сопственик. Според трговците на автомобили во Германија половниот Passat Euro 6, кој досега го продавале за 29.000 евра, сега се нудиме и за 21.000 евра, но никој не сака да го купи.

-Доколку ја спуштиме цената, ќе бидеме во загуба“, вели еден од продавачите на половни автомобили во Германија и дополнува дека заработката од продажбата на половни автомобили во Германија е сè помала, а многумина продавачи на половни автомобили банкротираат поради лошата ситуација.

Според проценките на плацовите за автомобили во Германија  има 350.000 дизел возила со еуро-стандард 5, при што се заробени повеќе од 5 милијарди евра.

Проблеми имаат и нашите увозници на половни возила, кои што веќе еден месец  реагираат до Царинската управа бидејќи имаат  забелешки на примена на Законот за данок на моторни возила, кој стапи на сила  на 1 јануари 2020 година. Согласно со новиот закон, возилата со вредност до 10.000 евра се даночат исклучиво само по тоа колку загадуваат, а не како досега по вредност на возилото. Според нив ова ги поскапи возилата и со тоа е ригорозно нивното работење и опстанокот на фирмите што се занимаваат со продажба.

Трговците на плацови велат дека со овие законски измени цените на половните возила во просек се зголемени од 400 до 500 евра, што е многу за просечниот македонски купувач кој што не е подготвен да купи ново поскапо еколошко возило.

Но од Царинската управа на Македонија велат дека законот е донесен за за се заштити животната средина и да се намали загадувањето на воздухот.

-Возилата што имаат помали емисии на СО2 плаќаат помалку давачки од тие кој емитуваат повисоки износи на СО2. За возила со вредност над 10.000 евра пресметката се врши и по емисијата на СО2 и по вредност на возилата, објаснуваат од Царинската управа и дополнуваат дека не се точни негодувањата дека цените на возилата со овој закон драстично се зголемени, со исклучок на возилата кои користат дизел гориво.  (В.Ма.)