Месечните надоместоци за самостојните уметници од државниот буџет се однесуваат за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход, а минатата година оваа можност, според надлежните во Министерството за култура, го искористиле 167 самостојни уметници

 

Околу 180 самостојни уметници во 2024 ќе добиваат месечен надомест од државниот буџет. Од Министерството за култура за весникот ВЕЧЕР посочуваат дека точната бројка сепак сè уште не е позната бидејќи надлежната комисијата во моментов ги разгледува барањата на 186 уметници кои доставиле апликации и тоа во рок кој годинава беше продолжен. Месечните надоместоци се однесуваат за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход, а минатата година оваа можност, според надлежните, го искористиле 167 самостојни уметници. Од Министерството побаравме информација за тоа кои критериуми и услови треба еден уметник да ги исполни за да ги добие средствата.

„Критериумите и условите за остварување на правото на месечни надоместоци за самостојните уметници се креирани во согласност со дејностите и се однесуваат на одреден број реализирани проекти во последните пет години. Така на пример за визуелни уметности, потребно е апликантите во  последните пет години да имаат реализирано најмалку две самостојни изложби/проекти во нови медиуми, во галерии, музеи, и да имаат учествувано со различни дела во пет групни изложби, односно пет групни проекти со различни дела, или најмалку 40 карикатури во медиуми, или најмалку 80 стрип-шлајфни. Во музичката уметност, за исполнување на условите потребно е апликантот да има создадено најмалку пет дела од различни форми од класичната музика или најмалку 20 аудиозаписи или музика за најмалку еден долгометражен игран, документарен и анимиран филм или за два долгометражни телевизиски филма, итн…“, велат од Министерството за култура.

На прашањето пак, колкав надомест ќе добиваат уметниците, почнувајќи од 1 јануари 2024 година, од Министерството посочија дека висината на месечниот надомест за самостојните уметници, се утврдува врз основа на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во Република С Македонија за 2023, а согласно податоците објавени од Државниот завод за статистика. Месечниот надоместок, пак, на самостојниот уметник ќе му се исплати од Буџетот на Министерството за култура за 2024, а истиот ќе биде утврден и во договорот за користење месечен паричен надомест на самостоен уметник, кој ќе биде склучен меѓу самостојниот уметник и Министерството за култура.

„Согласно актуелниот Закон за култура, а со цел да се обезбедат поповолни услови за творење на самостојниот уметник, по пат на Годишен конкурс, може да му се доделат месечни надоместоци од средства од Буџетот на Република С Македонија, за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход, за што одлучува министерот за култура, почитувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници“, велат од Министерството за култура.

Сепак, се поставува и прашањето дали оваа поддршка е доволна и дали постојат и други начини да им се помогне на самостојните уметници.

„Надоместот кој го добиваат самостојните уметници од Министерство за култура е само еден мал дел во однос на плаќања на социјално и здравствено осигурување. Секако во оваа криза дека никогаш средства не се доволни,но од друга страна и сметам дека одвојување на буџет на Министерството за култура за основно одржување во овој контекст на самостојниот творец е позитивен чекор. Во овие тешки времиња, самостојниот уметник во Македонија е изложен на многу финансиски проблеми, бидејќи самиот творец во процесот на создавање на едно уметничко дело вложува многу финансии кои во најчест случај се неповратни средства. Тоа што јас сметам дека треба повторно да се воведе е Министерството за култура и општините низ цела Македонија да започнат повторно со откуп на дела од ликовни уметници. Средства има, бидејќи, денес сме сведоци дека многу често се финансираат многу погрешни „проекти“ и „настани“. Тоа се огромни финансии кои треба да се насочат малку и во визуелните уметности. Визуелните уметности, ликовната уметност најмалку се финансира  во однос на други проекти и организации. Повторно ќе потенцирам дека во еден процес на создавање на изложба уметникот денес навистина треба да банкротира, ако сака да направи квалитетна изложба во кои влегуваат и сериозни продукциски трошоци“, посочува јана Манева-Чупоска, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. (Д.Т.)