На Македонската берза за хартии од вредност од годинава ќе се тргуваат државните хартии од вредност. Со тоа според надлежните тие стануваат подостапни за инвеститорите и ќе придонесат за развој на пазарот на капитал. Договорот за котирање на државните хартии од вредност беше потпишан од министерот за финансии Драган Тевдовски и извршниот директор на Македонска берза Иван Штериев.
Државата издава хартии од вредност со рок на доспевање од шест месеци до 30 години.
За директорот на Македонска берза Иван Штериев котацијата на државните хартии од вредност ќе ја зголеми расположивата понуда на берзата.
Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина, рече Штериев.