– Интернационалните компании сакаат да купуваат енергија од обновливи извори. Можеби, ним им е малку поскапо, но сакаат да се општествено одговорни и сакаат да купат зелена енергија. Имаме голем број обновливи извори, во новиот закон ќе биде ставено дека ќе биде потребно да се имаат батерии за складирање за да ја заштитиме стабилноста на енергетскиот систем, кој е со ограничен капацитет и во лето може да прими само 2000 мегавати, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска

Постојано се зголемуваат инвестициските проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори, но мрежата на МЕПСО нема капацитет да го прими целиот тој произведен конзум, кој само летно време изнесува околу илјада мегавати. Затоа секој што произведува зелена енергија ќе мора да поседува батерии за складирање на струјата за да се заштити стабилноста на енергетскиот систем.

– Во МЕПСО има дадено 9,5 илјади мегавати за приклучок. Со новиот закон, планираме да го регулираме тоа. Во соседна Србија се бара банкарска гаранција. Голем дел од овие што имаат приклучоци, не поседуваат ниту земја, ниту, пак, имаат договор за закуп. Тие имаат добиено приклучок, како добиле не навлегувам, но сакаме да направиме ред. Имаме голем број обновливи извори, во новиот закон ќе биде и дека е потребно да се имаат батерии за складирање за да ја заштитиме стабилноста на енергетскиот систем и Во лето, може да прими само 2000 мегавати – изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Во јули годинава, во Владата беше потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој и МЕПСО, наменет за зајакнување на преносната мрежа. Тие пари се за реконструкција на 110- киловолтниот далновод Валандово – Струмица и за изградба на нова трафостаница 400/100 KW во селото Милетково, во близина на Гевгелија. Овој проект е дел од зелената транзиција на македонската енергетика, затоа што, освен намалување на загубите на електрична енергија, зајакнатата преносна инфраструктура ќе овозможи да се приклучат околу 1.170 мегавати дополнителни обновливи извори, кои во моментов не се во функција поради ограничениот капацитет на електропреносната мрежа.

Божиновска најави дека е потпишан договор за грант од 20,4 милиони евра за изработка на мастер грид план за мрежата.

– Во јуни ќе ги добиеме прелиминарните информации во каква состојба ни е мрежата и до крајот на 2025 година ќе детектираме колку обновливи извори можат да се приклучат и што треба да се реновира. Како држава, немаме наши енергетски објекти, овие се сите приватни фотоволтаици, освен „Осломеј“ – рече Божиновска.

Македонија мора да ги зголемува капацитетите што произведуваат зелена енергија, бидејќи од 1 јануари 2026 година сите оние што ќе извезуваат во Европската Унија ќе мора да имаат сертификат за потеклото на електричната енергија што ја користат во производствениот процес и таа мора да е зелена, во спротивно ќе плаќаат даноци.

Во таа насока е тоа што АД ЕСМ, со поволен кредит од германската развојна КфВ Банка, почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливите извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаична електроцентрала – „Битола 2“ и за реализација на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. Средствата за овие два значајни проекта, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем, со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од пет години.

Инаку, Владата донесе уредба за потеклото на гаранција (guarantee of origin). Секоја фирма во земјава што ќе произведува од зелена енергија (ветер и сонце), ќе добива сертификат.

– Повеќето од интернационалните компании сакаат да купуваат енергија од обновливи извори. Можеби, ним им е малку поскапо, но сакаат да се општествено одговорни и сакаат да купат зелена енергија. Уредбата ја донесовме, сега берзата МЕМО треба да набави софтвер од Европа, потоа да се имплементира тој и тогаш МЕМО ќе ги издава сертификатите за потеклото на зелената енергија. Секој сертификат си има специјален софтвер што е на европско ниво. Исто така, може да се тргува со тие сертификати (да се купуваат и да се продаваат). Тоа се прави во Хрватска, Шпанија, Португалија, а Србија веќе го прави, иако не во ЕУ – истакна Божиновска. 

Индустријата е засегната од обврската од механизмот СИБАМ на ЕУ за јаглеродно гранично приспособување, кој треба да почне на 1 јануари 2026 година. Ако се докаже дека производите во кои е вклучена електрична енергија од обновливи извори, фирмите не плаќаат ништо.

Во Македонија сè уште се водиме под енерги микс и според тоа, од 2026 година ЕУ ќе прави калкулација колку ќе наплати за производот што ќе виде извезен во Унијата. Божиновска вели дека ниту една од шесте држави што не се членки на ЕУ не е спремна за 2026 година.

– Тие во ЕУ имаа многу подолг рок да се подготват за тоа. Ние, во Министерството за енергетика, ќе работиме само за електрична енергија, а останатите се во МЖСПП. Таму треба да има цело одделение што ќе пресметува ЦО2- печат итн. Тоа е сериозен процес. Зборувавме со евроамбасадорот Рокас и побарав техничка помош, бидејќи се потребни сериозни експерти – да ни дадат ноу-хау и да започнеме од следната година – вели Божиновска.

(С.Бл.)