ОД 15 НОЕМВРИ СТАРТУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗИМСКА ОПРЕМА – Казна од 45 евра ако немате зимски гуми и синџири

3335

Зимски гуми и синџири за автомобили, џипови и на лесни камиони од 15 ноември, ќе бидат задолжителни за патиштата во земјава и оваа обврска за возачите ќе трае се до 15 март, наредната година.

Ако не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, а може да се соочи и со исклучување на возилото од сообраќај.

Вакви се правилата во Македонија, но како е во другите држави на Западен Балкан ако се премине границата со возило и може да биде голем предизвик со оглед на различните регулативи и ограничувања помеѓу земјите. Затоа треба да се знаете во кои земји зимската опрема е задолжителна и кои правила треба да ги почитувате за да не ви напишат казна.

На пример, Србија има најдолга зимска сезона. Почнува од 1 ноември и важи до 1 април наредната година. Во овој петтмесечен период сите возачи кои планираат да возат по патиштата низ Србија мораат да постават зимски гуми на возилата, во спротивно, односно за несоодветна зимска опрема казната се движи од 85 до 150 евра во зависност од категоријата на возилото и намената.

Во Босна и Херцеговина зимската опрема е задолжителна во период од 15 ноември до 15 април, односно еден месец повеќе споредено со Македонија. Во БиХ казните за непочитување на обврската за зимска опрема се најниски споредено со регионот и се движат од 20 до 100 евра. Во БиХ исто така, ако возач на одредено место каде што има знак за зимска опрема не поседува зимски гуми може да биде исклучен од сообраќај.

Црна Гора е последната земја од Западен Балкан во која важи правилото за задолжителна зимска опрема во период од 15 ноември до 31 март. Црногорските власти во зимските месеци бараат од возачите примена на соодветни гуми. Ако нема снег на патиштата казните за непочитување на правилото се движат од 60 до 150 евра, а кога има снег од 80 до 300 евра за возачите без зимска опрема.

Од регионот единствено Албанија и Косово немаат правило за задолжителна зимска опрема во текот на годината, единствено се препорачува употреба на синџири за гумите доколку тоа го бараат временските и условите на патиштата. Во Албанија од 1 ноември до 30 април се препорачува поседување на синџири за гумите во случај на отежнати услови на движење на патиштата предизвикани од снежни наноси. Во Косово тој период трае од 15 ноември до 15 март, исто како кај нас.

Зимска опрема за Грција нема определено, а период на важност е од ноември до март. Синџирите за снег во Грција можат да се користат кога патиштата се покриени со снег или мраз, а максималната брзина за автомобили со синџири е 50 километри на час.

Под зимска опрема во Македонија се подразбира:

*Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или

*Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни помагала (синџири за снег).

*Синџирите за снег се поставуваат на погонските тркала.

Доколку возилото има погон на сите четири тркала, тогаш опремата е:

*Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или

*Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни синџири за снег.

*Ако имаат постојан погон на четири тркала, синџирите се поставуваат на задната осовина.

*Ако имаат преклоплив погон, тогаш синџирите се поставуваат најмалку на постојано вклучената оска.

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „МС“, „М+С“, „М&амп;С“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во патниот сообраќај, на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.

Законот предвидува полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема.

Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

(С.Бл.)