Надоместоци за експлоатација на природните ресурси се зголемуваат до 100 насто. Министерството за енергетика предложи до Владата за одобрување нов тарифник по кој од 1 јануари 2025 година да се наплатува од концесионерите користењето на националните богатства.
Во Тарифникот се утврдува висината на надоместоците за издавање на дозволи концесии за детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, а во зависност од видот, количината, квалитетот и начинот на преработка на минералната суровина.
Државниот завод за ревизија во својот Конечен извештај од извршената ревизија од април 2024 констатира дека надоместоците за експлоатација на минерални суровини се ниски во однос на околните земји и препорачува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да се донесе нов Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини.
– Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) направи компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци од експлоатација на минерални суровини во Република Македонија со соседните држави. Од направената компаративна анализа може да се заклучи дека концсесиските надоместоци за металачни минерални суровини се убедливо најниски во регионот и воопшто во светот. Висините на тие надоместоци ширум светот генерално се движат од 4 % до 10% додека кај нас е само 2%. Друга земја која е со толку низок процент е само Романија но таа има изразито висок надомест за користење на просторот за експлотација на минерални суровини, карактеристечно е што во земји како Австралија и САД овој надоместок се движи од 2-5 % така што најнискиот надоместок е во нивните најоддалечени области каде нема инфрастуктура додека надоместок е 5% во развиените области – информираа од МЕРМС.
Надоместоците за металични минерални суровини последен пат беа постепено зголемувани во периодот од 2007 до 2010 година од 0,5 % до 2%, направено е зголемување на овие концесиски надоместоци од 2% на 4%.
– Концесиските надоместоци за неметалични минерални суровини се исто така убедливо најниски во регионот и воопшто во светот. Начинот на самата преметка во различни земји е многу различен но најчестиот е процент од пазарната вредност и се движи од 3% до 10% или од приходот од продадената минерална суровина (5% од приход). Кај нас се пресметува како процент од одредена утврдена цена. Ваквиот начин на пресметка е неправеден посебно кај концесионерите за мермер бидејќи тие имаат утврдена иста цена за комерцијален блок иако нивната пазарна вредност варира и на тој начин се оштетени концесионерите кои произведуваат комерцијални блокови со помал квалитет – потенцираат од МЕРМС.
Државниот завод за ревизија исто така го напоменува во својот Конечен извештај од извршената ревизија од април 2024 и препорачува со измените на тарифникот сите концесионери кои експлоатираат минерална суровина – мермер да се стават во рамноправна положба.
– Од горенаведеното, и поради тоа што последната измена на надоместоците за неметалични минерални суровини е направена во 2020 година, а оттогаш до сега имаше висока инфлација, направено е зголемување на надоместоците за сите неметалични минерални суровини во просек околу 100%, додека за мермерите е направено плаќањето да се врши 5% од приходот од продадената минерална суровина во било кој облик – велат од МЕРМС.
Исто така, извршено е зголемување на концесискиот надоместок за детални геолошки истражувања и користење на просторот за експлотација на минерални соровини за околу 30% во однос на тарифникот од 2020 година.
– Имајќи ја во предвид лошата состојба во нашите енергетски комбинати единствено не се зголемени надоместоците за енергетските минерални суровини (јаглен), со цел да не се влијае врз дополнително зголемување на цената на електричната енергија – велат од МЕРМС.