Од 1 јануари Макпетрол нема да увезува и да испорачува природен гас

74
EPA-EFE/PAWEL SUPERNAK POLAND OUT

„Макпетрол“од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи. Оттаму посочуваат дека причина за ваквата ситуација се новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“, со што не се применливи досегашните услови според кои компанијата увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи.

– Од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, „Макпетрол“ нема можност да почне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем преставува и фактот што и по 5 години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти. Токму поради ова, „Макпетрол“ во согласност со Договорот за интерконекција, побара од државната компанија „ГА-МА“ да обезбеди согласност од „Булгартрансгас“ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, во кој период би се донеле сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би се подготвиле за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот – се вели во соопштението.

Од „Макпетрол“ги информирале сите релевантни институции во државата за неподготвеноста на целиот пазар на природен гас за примена на Договорот за интерконекција, уште пред неговото потпишување.

– Потпишување на таков договор е избрзана одлука на која задолжително треба да претходи донесување на сите подзаконски акти, како и подготовка на сите учесници на пазарот на природен гас за новите услови на работење, но истото не беше земено предвид. „Макпетрол“ изразува жалење за оваа несакана ситуација и ќе направи сè што е во негова моќ за да може да се надмине истата што поскоро – велат од компанијата.