Македонската фудбалска школа „Форца“ договори соработка со академијата на Црвена звезда, што значи дека во иднина нашите млади таленти би можеле да се развиваат под капата на познатиот белградски клуб.

Инаку, добропознатата македонска школа, која одлично функционира повеќе од 20 години, досега создаде над 50-ина репрезентативци, а меѓу најпознатите се Елиф Елмас и Дарко Чурлинов, кои моментно се стандардни првотимци во националниот тим.

  • Црвена звезда како голем клуб ги следи сите фудбалски школи во поранешна Југославија. Не случајно ја одбравме фудбалската школа „Форца“, која е најдобрата во Скопје, која со макотрпна работа создаде голем број македонски репрезентативци. Препознавме дека оваа соработка може да ни донесе бенефит на нашиот клуб и академијата и заедно ќе се обидеме оваа соработка да биде уште поголема и да напредуваме во иднина. Дефинитивно во „Форца“ има голем број талентирани деца, а впрочем оваа соработка значи најталентираните да доаѓаат во школата на Црвена звезда каде што ќе ги тестираме околу две недели за да можеме да се увериме во нивните способности. Исто така, тие деца ќе одат со нас на подготовки, ќе ја следиме нивната работа во наредните години и секако во договор со луѓето од „Форца“ ќе добијат договори, изјави за ВЕЧЕР – Никола Јелиќ, главен тренер на академијата на Црвена звезда.

Инаку, Црвена звезда е еден од најдобрите клубови на Балканот, а воедно може да се пофали со европска титула во Куп на шампионите, денешна Лига на шампиони. Тие во 1991 во финалето во Бари го совладаа Марсеј по пенал рулетот, а последниот гол од белата точка го постигна легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ