Од Скопје до Приштина ќе патуваме 45 минути по автопат Арбен Џафери?

134

За првата делница од 1,9 километри најдоцна за десетина дена треба да заврши проектирањето, по што ќе се објави тендер, а планирано е работите да завршат до крајот на наредната година

 

Во февруари тендер за избор на изведувач, а во вториот квартал од годинава почеток на изградбата на првата делница на автопатот Скопје – Блаце, најавија вчера вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорто на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов. Оваа делница е од граничниот премин до клучката за влез во селото Блаце, а втората, која е подолга и оди до Скопје се планира да почне да се гради следната година и да биде завршена за 36 месеци.

Со изградбата на овој автопат во должина од 12,5 километри, вреден 110 милиони евра патувањето од Скопје до Приштина од сегашните два часа ќе го скрати на 45 минути.

Според министерот Сугарески основниот проект за изградбата на автопатот е од 2002 година и треба да се ревидира од повеќе причини, како на пример проблеми со експропријација со оглед на тоа што на трасата има индустриски објекти и гробишта, потоа некомплетно извршени геотехничките испитувања, застарен проект за тунелите и слично.

За првата делница од 1,9 километри најдоцна за десетина дена треба да заврши проектирањето, по што ќе се објави тендер, а планирано е работите да завршат до крајот на наредната година. Паралелно ќе се работи на препроектирање на втората делница во должина од 10,5 километри, од клучката Блаце до клучката Стенковец во Скопје, за која тендер треба да се објави во првиот квартал следната година, во вториот да почнат градежните работи, за изградбата да заврши кон средината на 2023 година.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов појасни дека првата делница може да се реализира побрзо, бидејќи теренот не е тежок за изведба, нема тунели и е во непосредна близина на ГП Блаце и Царинскиот терминал. Втората делница, пак, е потешка за проектирање и за изведба, зашто има четири тунели долги околу 4 километри, осум мостови, како и други објекти. Автопатот Скопје-Блаце треба да има две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти за возење со широчина од 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната проектирана широчина на автопатот е 27,5 метри. На целата автопатска делница се предвидени две клучки, кај Блаце и кај Стенковец, а ќе има и патарини. Паралелно се работи и на реконструкција на стариот пат за Блаце, кој ќе остане во функција.

Изработката на проектите и препроектирањето се финансира со грант од ВБИФ инструментот на Европската Унија. Инвестициите за првата делница изнесуваат околу 10 милиони евра и се обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта. Од проектираните 110 милиони евра за реализација на проектот 73 милиони евра ќе се обезбедат преку заем од ЕБОР за кои се очекува да биде потпишан договор до крајот на годинава, а 27 милиони евра треба да се обезбедат преку грант од ВБИФ за што е поднесена апликација уште во ноември лани.

Вицепремиерот Османи вели дека името на новиот автопат се уште не е утврдено и за него допрва ќе се разговара во Владата, но во неформалните разговори со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, било споменато името Арбен Џафери, како што е именуван патот од косовската страна. Но тој го потенцира економското значење на овој автопат, а вели дека има и регионално, бидејќи е дел од агендата за поврзување на регионот во рамки на Берлинскиот процес.

– Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово, рече Османи.

(С.В.)