Од Скопје виа Франкфурт низ цел свет

Со слетување на првиот авион на германската авиокомпанија „Луфтханза“ на скопскиот аеродром, стартуваше новата авиолинија Франкфурт – Скопје, која се реализира со субвенција од македонската Влада. Авиопревозникот ќе ја опслужува оваа линија десет пати неделно, а патниците преку големиот аеродром во Франкфурт добиваат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе држави во Европа и светот. Покрај „Луфтханза“, финансиска поддршка за нови отворени авиолинии ќе добива и унгарската „Виз-ер“ која од Скопје ќе лета до Луксембург, Штутград, Салцбург и до Љубљана и тоа почнувајќи од 1 ноември годинава со три лета неделно на секоја дестинација

899

Со слетување на првиот авион на германската авиокомпанија „Луфтханза“ на скопскиот аеродром, од вчера стартуваше новата авиолинија Франкфурт – Скопје, која се реализира со субвенција од македонската Влада. Авиопревозникот ќе ја опслужува оваа линија десет пати неделно, а патниците преку големиот аеродром во Франкфурт добиваат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе држави во Европа и светот.

Министерот за транспорт и врски, Благој Боварски, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак и регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“, Петер Пулем ги пречекаа првите патници од Франкфур на летот со авионот од типот Ербас А 319. 

Германската авиокомпанија сега го поврзува македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт, нудејќи летови седум дена неделно (во некои денови и по два лета дневно) со авиони од видовите: Ербас А319, Ербас А320 и Ербас А320НЕО.
Бело-синиот воздухоплов беше пречекан на платформата на Меѓународниот Аеродром Скопје со традиционален авијациски воден мост, кој го направи протипожарниот тим на ТАВ Македонија, по што следеше церемонија на сечење торта за означување на новата дестинација и новата авиокомпанија.

– Луфтханза ќе лета на линијата Франкфурт-Скопје секој ден, седум дена неделно, а во некои денови ќе има и по две ротации дневно. Франкфуртскиот аеродром е главниот аеродром во градот Франкфурт и е главното воздухопловно пристаниште за Луфтханза и еден од најважните аеродроми за трансфери во Европа, што ги поврзува патниците со повеќе од 300 дестинации во светот. Дневната фрекфенција на овие летови се одлична можност за нашите патници кои често патуваат во Германија, како и патниците кои би го искористиле аеродромот во Франкфурт како аеродром за трансфер за да стигнат до Северна Америка или други далечни дестинации на другите континенти. Авиолинијата Франкфурт-Скопје на Луфтханза е важна за македонската дијаспора, за бизнис-патниците, како и за оние кои летаат заради туристички причини и одмор. Дополнително, оваа линија ќе понуди нови можности за товарниот воздушен сообраќај, со оглед на тоа што Германија е главниот трговски партнер на Северна Македонија. Сигурни сме дека присуството на Луфтханза ќе додаде дополнителна вредност за сите патници од Меѓународниот Аеродром Скопје, за услугите на ТАВ Македонија, како и за целокупниот македонски авијациски пазар – изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Групацијата Луфтханза е присутна на македонскиот пазар повеќе децении. Аустриан ерлајнс лета меѓу Скопје и Виена од 1996 година и моментално, во летниот распоред на летање има 14 лета неделно. Еделвејс, другата сестринска компанија на Свис, која што е во рамки на групацијата Луфтханза, моментално лета меѓу Скопје и Цирих четири пати неделно.

Вклучувајќи ги 10-те лета неделно што Луфтханза сега ќе ги има од Франкфурт кон Скопје, групацијата Луфтханза ќе нуди вкупно 28 лета неделно од Меѓународниот Аеродром Скопје.

– Од денеска Луфтханза е третиот авиопревозник од нашата групација и отсега ќе лета секој ден до главниот град Скопје. Германската авиокомпанија Луфтханза е најголемата авиокомпанија во групацијата. Со повеќе од 100 илјади Македонци кои живеат во Германија, Франкфурт е навистина многу атрактивна дестинација за нивните фамилии и пријатели од Северна Македонија. Како резултат на големата побарувачка за летови до Германија и пошироко, ние сега можеме да им понудиме на патниците постојани летови до нашето најголемо воздухопловно пристаниште во Франкфурт. Цените на повратните авиобилети од Скопје до Франкфурт почнуваат од 169 евра, а картите можат да се купат во многу туристички агенции или на веб-страницата луфтханса.цом Доколку сé уште не сте го посетиле Франкфрут, сега имате можност да го сторите тоа, а летот кој трае 2,5 часа ќе ве однесе до срцето на Западна Европа. Франкфурт е глобален центар за бизнис, туризам и култура и нуди широк спектар на туристички атракции и знаменитости, вклучувајќи светски културни настани и саеми – изјави Петер Пулем, постар директор за продажба во групацијата Луфтханза за Централна и Источна Европа, Русија, Заедницата на независни држави и Израел.

„Луфтханза“ на својата веб-страница веќе ја нуди новата авиолинија до Скопје како можност за евтино, опуштено и брзо патување. – Без разлика дали станува збор за деловен состанок во Скопје или за најдобрата дестинација за одмор во Македонија, лет резервиран на Луфтханза секогаш ви гарантира удобно и безбедно патување од Германија до посакуваната дестинација – пишува на веб- страницата на германскиот авиопревозник.

Покрај „Луфтханза“, финансиска поддршка за нови отворени авиолинии ќе добива и унгарската „Виз-ер“, која од Скопје ќе лета до Луксембург, Штутград, Салцбург и до Љубљана и тоа почнувајќи од 1 ноември годинава со три лета неделно на секоја дестинација. Субвенцијата изнесува 7 евра по заминат патник од скопскиот аеродром. Двете субвенционирани авиокомпании се обврзани и по истекот на тригодишниот договор исто толку години да оперираат на тие линии без државата да им плаќа.

За оваа намена годинава од буџетот на Министерството за транспорт и врски се издвоени 1,1 милион евра, односно 5 милиони евра за тригодишниот период. Претходните години „Виз-ер“ беше единствената компанија која добиваше субвенции. Со првиот  договор за периодот 2012-2015 година на „Виз-ер“ му беа исплатени 3,8 милиони евра, со вториот договор од 2015  до 2018 година пет милиони евра, а со третиот од 2019 до 2021 година износот по тој основ беше 1,6 милиони евра.

Со последниот од трите договори со „Виз Ер“ имаше субвенционирани летови од Скопскиот аеродром кон Бремен, Баден Баден, Ларнака и Турку, а од Охридскиот аеродром кон Милано, Малме, Дортмунд и Мимингем. За летовите со тој договор во 2019 година се исплатени субвенции од над 66 милиони денари, во 2020 година од 21 милион, а во 2021 година 10,5 милиони денари. Минатата година немаше исплата на субвенции. 

Дестинациите кон кои оперира „Виз ер“ од Скопје со летниот ред на летање се: Будимпешта, Сандефјорд, Стокхолм, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Келн,  Фридрихсхафен, Мемимген, Франккфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Тревизо, Бремен, Братислава, Рим, Ваџо, Баден Баден, Малта, Базел и Болоња,  а од Охрид кон  Базел, Меминген, Дортмунд, Виена, Малме. „Виз ер УК“, пак, ја опслужува линијата Скопје – Лондон, а Виз-ер Малта линијата Виена – Охрид.

ТАВ Македонија ги заврши првите три месеци од 2023 година (јануари-март) со 493.720 патници на двата аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е пораст од 41 отсто споредено со истиот период во 2022 година и зголемување од 3 отсто во однос на 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата бидејќи беше пред кризата со ковид-19. Во истиот период, јануари-март 2023, бројот на летови на двата македонски аеродроми е 4.169, што е годишно зголемување од 39 отсто и 3 отсто во однос на 2019 година.

(С.Бл.)