Од Скопскиот аеродром ќе се лета до 59 дестинации, а од Охридскиот до единаесет

Авиокомпанијата „Визер“ ќе опслужува најмногу дестинации. Во летната сезона, од мај, од Скопскиот аеродром ќе се патува и до Рига, како нова дестинација што ќе ја воведе националниот авиопревозник на Латвија како сезонска линија меѓу двата главни града. Исто така, ќе има и сезонски и чартер-летови до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и до Монастир, продолжуваат сезонските летови до Сплит и до Осло, а се очекува „Еџијан ерлајнс“ да воведе сезонска авиолинија до грчки остров. Со летниот ред на летање, од Охрид ќе летаат осум авиокомпании до 11 дестинации

5100

Вчера, 31 март, започна летниот распоред на летање на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и на аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“ и ќе трае до 26 октомври 2024 година. Со летниот ред на летање, одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство, на Скопскиот аеродром, во летната сезона, се планирани 59 дестинации управувани од 22 авиокомпании, додека на охридскиот ќе се лета до 11 дестинации.

Авиокомпанијата „Визер“ ќе опслужува најмногу дестинации. Со овој превозник ќе може да се патува до: Базел-Мулхаус, Берлин, Братислава, Бремен, Брисел Шарлроа, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Малме, Малта, Милано Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Осло Сандефјорд, Париз Бове, Рим Чампино, Салцбург, Стокхолм Скавста, Венеција Тревизо, Карлсруе Баден-Баден, Љубљана, Лондон Лутон.

Другите дестинации ќе ги покриваат: „Еџијан ерлајнс“ ќе лета до Атина и до Сараево, „Ер Србија“ до Белград, „Аустријан ерлајнс“ до Виена, „Кроација ерлајнс“ до Загреб, „Туркиш ерлајнс“ до Истанбул, „Луфтханза“ до Франкфурт, „Изиџет“до Женева, ЛОТ до Варшава, „Чер ерлајнс“ и „Еделвајс“ ќе летаат до Цирих, „Пегасус ерлајнс“ ќе ги опслужува летовите до Истанбул (Сабиха Гокчен) и Измир, а „Сан експрес“ до Анталија и до Измир.

Во летната сезона, од мај, од Скопскиот аеродром ќе се патува и до Рига,а како нова дестинација што ќе ја воведе националниот авиопревозник на Латвија како сезонска линија меѓу двата главни града. Исто така, ќе има и сезонски и чартер-летови до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и до Монастир со авиокомпаниите „Анадолу џет“, „АМЦ ерлајнс“, „БХ ер“, „Фребрд“ и „Нувелир“. Исто така, „Норвежиан ер шатл“ ќе продолжи со сезонските летови до Сплит и до Осло. Се очекува „Еџијан ерлајнс“ да воведе нови сезонски летови од Скопскиот аеродром, како сезонска авиолинија до грчки остров.

Со летниот ред на летање, од Охрид ќе летаат осум авиокомпании до 11 дестинации. „Визер“ продолжува да лета до Виена, Дортмунд и до Меминген, а „Чер ерлајнс“ до Цирих, а до овој швајцарски град ќе лета и „Еделвајс“. До Охридскиот аеродром, пак, ќе има чартер-летови од Катовице, Варшава, Амстердам и од Манчестер, а авиокомпанијата „Ер Србија“ ќе почне да лета на релација Белград – Охрид – Белград.

Со зимскиот ред на летање, од Меѓународниот аеродром „Скопје“ оперираа 13 авиокомпании до 42 дестинации, а од аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“, три авиокомпании сообраќаа до четири дестинации.

(С.Бл.)