Од скопската железничка станица на авион – со воз

107

Стратегијата опфаќа околу 104 активности во транспортната мрежа, за кои ќе се потрошат околу 4,2 милијарди евра, дел од државниот буџет, а дел како кредити и ИПА средства од Европската Унија

 

Од железничката станица во Скопје до Меѓународниот аеродром да се патува со воз, предвидено е со владината Национална транспортна стратегија за периодот до 2030 година.

За реализирање на оваа идеја нема ни планови, ни средства, ни рокови, но како што појаснија на вчерашната презентација на Стратегијата во Минситерството за транспорт и врски, на таа тема се размислувало со години наназад, а сега идејата е остварлива, затоа што е исполнет условот за исплатливост низ аеродромот да поминуваат два милиона патника.

– Пруга од скопската железничка станица до аеродромот би била исплатлива ако авионскиот превоз привлече до два милиони патника. Кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, истакна Билјана Здравева, раководител на секторот железници.

Таа додаде дека во рамките на овој проект се планира еден крак кај Миладиновци да се одвои до аеродромот, но потенцира дека се уште не се знае трасата, ниту колку пари ќе бидат потребни, зашто прво треба да се комплетира документацијата.

Освен оваа, долгорочната Национална транспортна стратегија опфаќа околу 104 активности во транспортната мрежа, за кои ќе се потрошат околу 4,2 милијарди евра, дел од државниот буџет, а дел како кредити и ИПА средства од Европската Унија.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од тоа што е предвидено, во мандатот на оваа Влада може да се реализираат само проектите во патната и железничката инфраструктура на кои веќе се работи или има предвидено крајни, односно почетни рокови. Меѓу покрупните проекти ги наброја довршувањето на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија. Во делот на железницата, покрај изградбата на пругата од Куманово до бугарска граница, планирани се и изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија на Табановце.

Стратегијата исто така, предвидува во Скопје да се воведе еден билет за сите превози, вклучувајќи го и трамвајскиот ако се воведе, како и субвенционирање на јавниот превоз.

– Крајната цел на Националната стратегија за транспорт е да се развие хармонизиран транспортен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, а кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ќе ја чува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации, рече Сугарески.

Тој додава дека проектите од Стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на Владата.

(С.В.)