Од „Северномакедонци“ до „православни луѓе “, а утре, можеби, и „Балканци“?!

Последен удар во ословувањето на македонскиот народ стигна од заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој во ексклузивното интервју насловено „Видувањата за Западен Балкан од внатрешноста на Стејт департментот“, зборувајќи за меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците во државата, нè нарече „православни луѓе од Северна Македонија“ и додаде дека државата треба да ги внесе Бугарите во Уставот. Ова не е прв пат да се карикира со непостојни термини, исто како што не е прв пат да остане оваа изјава без официјална реакција. Реагираа само вонпарламентарните партии Глас за Македонија и македонската конзервативна партија Интегра. И досега слушавме дека странските дипломати и докажани пријатели на Македонија нè нарекуваат „Северномакедонци“, а не Македонци како што предвидува и самиот договор по кој го сменивме само името на државата, но со гарантирање на самоопределувањето дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик

247

Непостојниот термин „Северномакедонци“, од кој не успеваме да се одбраниме ни пет години по потпишување на Преспанскиот договор и сменетото име на државава, еволуираше во „православни од Северна Македонија“. Имено, честопати слушавме дека странските дипломати и докажани пријатели на Македонија нè нарекуваат „Северномакедонци“, а не Македонци, како што предвидува и самиот договор по кој го сменивме само името на државата, но со гарантирање на самоопределувањето дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик, но ретко кој од нив се извини за оваа грешка. Најчесто ги слушавме нашите политичари, кои ги оправдуваа изјавите на своите соговорници.

Последен удар во ословувањето на македонскиот народ стигна од заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој во ексклузивното интервју насловено „Видувањата за Западен Балкан од внатрешноста на Стејт департментот“, зборувајќи за меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците во државата, нè нарече „православни од Северна Македонија“ и додаде дека државата треба да ги внесе Бугарите во Уставот.

– Една работа што тие ја прават правилно во контекст на регионот, за кој етничкото ривалство е карактеристика, Северна Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православните луѓе – изјави Ескобар во разговорот со новинарката Ксенија Павлович.

Зборувајќи за „францускиот предлог“, тој додаде дека државата мора да ги признае етничките Бугари како конститутивна етничка група, велејќи дека тоа не е никаков проблем за нас. Ова не му е прва грешка на американскиот дипломат, па затоа не може да се смета за лапсус. Тој и во август 2022, на прес-конференција, рече дека „Северномакедонците“ се Европејци!

Како и претходно, и за оваа изјава немаше официјална реакција. Реагираа само вонпарламентарните партии Глас за Македонија и македонската конзервативна партија Интегра, која побара јавно извинување од американската амбасада за, како што наведува во соопштението, недоличното преименување на македонскиот народ во „православни луѓе“ од страна на Ескобар.

– Во вакви околности и токму поради вакви негирања на државотворноста на македонскиот народ во татковината Македонија, не смее да се дозволи промена на Уставот со цел внесување на бугарската малцинска етничка група во преамбулата на македонскиот Устав. Принципот на реципроцитет во теоријата на разрешување на конфликти е базичен и не смее да има отстапувања од него. Бугарската држава ќе мора по истиот тој базичен принцип на реципроцитет да го признае официјално постоењето на македонското етничко малцинство во Бугарија и ќе мора да престане со негаторските политики кон сиот корпус на македонските етнички идентитетски столбови – наведува Интегра.

Остро реагираше и претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева, која преку својот фејсбук-профил напиша дека оваа реакција на Ескобар е сосема очекувана.

– Како да нè нарече по Договорот од Преспа? Според тој договор, на секој медиокритет треба да му е јасно дека сè што е македонско, Грција го присвои. Секоја можна идентитетска одредница. Затоа со денови протестиравме, ама некои сега тазе разбудени, тогаш преспаа сè. И сега станавме „православни”, што е безобразие и глупост, во најмала рака. Но, кога им укажувавме на „нашиве” и им укажуваме на погубноста на Договорот, се прават недоветни (какви што, впрочем, се). Следниот пат ќе нè нарече „Балканци“, во најдобар случај. И пак ќе бараме „извинувања”. Што од нив? А бе, Договорот по Вардар, само тоа е чаре!!

И по вчерашниот молк од македонското МНР, само за потсетување дека непостојното „Северномакедонци“ се употребува и во изјавите на дипломатите, но и во НАТО. Откако Алијансата еднаш веќе го именуваше македонскиот претседател Стево Пендаровски како „северномакедонски“, по што дојде до исправка, на интернет-страницата на НАТО повторно се употребува терминот „сверномакедонски“. Имено, во објавениот извештај за средбата на заменик- помошникот генерален секретар Џејмс Апатураи со премиерот Димитар Ковачевски и со министрите за одбрана и за информатичко општество е напишано дека Апатураи се сретнал со северномакедонските партнери и со северномакедонската Влада. Како потсетување, и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, лани, среде Скопје, нè нарече „Севрномакедонци“, па потоа нејзини портпароли објаснуваа дека се работи за лапсус, а во јуни и францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, спомена „Северномакедонци“, па Париз даде појаснување дека се работи за ненамерна грешка. (Е.А.)