Од први февруари, единствена валута во Косово ќе биде еврото

102

Од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото, според уредбата што ја донесе Централната банка на Косово (ЦБК)

Во тој указ се наведува дека ваквата уредба е донесена во согласност со Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на евро валутата за промет на територијата на Косово“.

Досега српските заедници во Косово користеа и динар (РСД), официјалната валута на Србија. Платите на вработените во српските институции се исплаќаат во динари, како и пензиите во српскиот систем, детскиот додаток или социјалната помош.

Сепак, регулативата на Централната банка на Косово наведува дека другите валути, освен еврото, можат да се користат во Косово само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки во валути различни од еврото, за вршење меѓународни плаќања во валути кои не се евро и за девизни активности.

„Замена на валута во Република Косово може да се врши само преку институции кои се лиценцирани од Централната банка на Косово и ја нудат оваа услуга“, се вели во соопштението од банката.