Екипата на Хонда и официјално ги претстави своите возачи за новата сезона во Мото ГП шампионатот. Овој тим годинава има изменет возачки состав со оглед на пензионирањето на долгогодишниот член Дани Педроса, а на негово место пристигна кандидатот за титула – Хорхе Лоренцо.
Лоренцо зад себе остави две прилично неуспешни сезони на моторциклот на Дукати, со кого не можеше да се бори за титула, а тоа ќе се обиде да го надополни со новиот адут, кој според него е далеку подобар.
Двајцата пилоти имаа тешка зима бидејќи се мачеа со бројни повреди, но истите успеаја да ги санираат за време на паузата. Актуелниот шампион Марк Марекез го оперираше рамото пред неколку седмици и мораше да мирува, додека Лоренцо имаше неколку повреди од кои последна е онаа кога мораше да ја оперира шаката.
- Ова беше една од најдосадните зими во мојот живот. Морав да се жртвувам се со цел да бидам целосно подготвен за почетокот на сезоната. Сакам да им се заблагодарам на сите кои вложија труд во мене, а особено благодарен сум му на физиотерапевтот кој беше до мене 24 часа дневно. Операцијата беше потешка од очекувањата и за рехабилитација ми беа потребни повеќе недели, изјави Маркез.
Од друга страна, новајлијата во редовите на Хонда е импресиониран од перформансите на својот мотоцикл.
- Ова е друго ниво. Верувам дека и претходно имав среќа во тимовите во кои бев, но ова е друго ниво во секоја смисла. Квалитетот е на најголемо ниво. Малку задоцнив со доаѓање во шампионски болид, но собрав доволно искуство на патеката кое ќе ми помогне да го презентирам пред публиката оваа сезона, додаде Лоренцо, кој се уште не целосно закрепнат.
Новата сезона во Мото ГП шампионатот ќе стартува на 10 март со трката за Големата награда на Катар.