Од државата зависи дали ќе стане членка на ЕУ до 2030, трасата е утврдена и ветувањето е реално, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир. Можно е Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, доколку постигнеме реален национален консензус за евроинтеграциите и ако ЕУ остане фокусирана на Западниот Балкан и по завршување на војната во Украина. За постигнување на консензусот, подвлече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, потребно е сите политички чинители да се запрашаат дали сакаат да станеме членка на ЕУ не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата. Ова се дел од заклучоците на денешната тркалезна маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“, во организација на Советот на амбасадори.

Според евроамбасадорот Гир од нашата држава зависи дали таа може да стане членка на ЕУ до 2030 година.

-Задачата е значајна, обемот на реформи се големи. Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на заемните потреби и интереси, рече денеска Гир на тркалезната маса за евроинтеграцискиот процес на земјава.

Со цел да се постигне оваа цел, посочи Гир, мора да постои вистинска политичка решеност меѓу сите политички партии и меѓу сите институции, вклучително и бизнисот и граѓанското општество. Според него, проширувањето мора да биде национален проект, бидејќи навистина ќе има предизвици на патот кон ЕУ. Гир кажа дека во ЕУ и во меѓународната заедница има голема поддршка за оваа земја.

-Не сум јас тој што треба да ве убедам. Вие треба да делувате со решеност и со убеденост дека ЕУ е вашата иднина. Патот е отворен. Постои импулс, вашата иднина се наоѓа во вашите раце, рече Гир.

Претседателот Пендаровски е оптимист дека државава има потенцијал да ги заврши преговорите со ЕУ и да стане полноправна членка до 2030 година.

-Дали е можно членство до 2030? Можно е. Ние имаме внатрешен потенцијал, имаме паметни луѓе, имаме искуство, имаме одамна поставено систем за преговори и сме најдобро подготвен кандидат во историјата на ЕУ. Меѓутоа не сум сигурен во овој контекст за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус. Во овој момент по тоа прашање го немаме. Зборуваме за реален реторички консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате години и години додека траат преговорите. Второ, не знам дали ЕУ и по завршување на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот, рече денеска Пендаровски.

Тој истакна дека немаме национален консензус за влез во ЕУ, бидејќи половина од политичарите иако велат дека се за ЕУ, под овие услови не се согласни.

–Значи, ние сме се наслушале за реторички национален – државен консензус. Кога ќе ги прашаш сите политичари дали сте за ЕУ – да. Кога ќе речеш, под овие услови со оваа преговарачка рамка и половината ги нема. Значи, ние во моментов за жал немаме национален консензус да продолжиме кон ЕУ, рече Пендаровски.

Токму промената на Уставот, според него, како прва обврска во преговорите со ЕУ ќе покаже кој навистина сака државава да се зачлени во Европската Унија.

-Тука треба да се покаже дали си за ЕУ или не си, затоа што содржината на преговарачката рамка ни е позната. Конкретното барање да ги внесеме Бугарите како дел од народот во Преамбулата е познато. Ако имаме шест делови од други народи кои живеат плус Македонците што е спорно, како македонската држава ја рушиме ако внесеме уште Бугари, Хрвати, Црногорци, можеби Евреи и.т.н., посочи Пендаровски.

И според вицепремиерот за европски прашања Маричиќ сè уште не е постигнат национален консензус од сите политички актери за ЕУ.

-Потребен ни е консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители дали сакаме да станеме членка на ЕУ не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата, истакна денеска Маричиќ.

Според вицепремиерот за европски прашања исполнувањето на претходните услови за евроатлантските интеграции донеле стабилност и сигурност.

-Одоговорот дали вредеше да се потпише Преспанскиот договор пред четири години само за да влеземе во НАТО го имаме денес. Да, вредеше, затоа што денеска никој не ја поставува под знак прашање стабилноста и целовитоста, иднината на Северна Македонија и она далечно, но секогаш блиско прашање „дали ќе не биде“. Истото е и за ЕУ. Погледнете ги Хрватска, Словенија, Бугарија и споредете ги како изгледале пред членството, а како изгледаат денес. Ниту една од нив не назадувала по ниту едно прашање, посочи Маричиќ.

Тој додаде оти е точно дека поддршката за ЕУ последните години е опадната, но  не заради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку заради разочараноста од динамиката на внатрешните реформи, како и заради недостатокот на перспектива понудена од ЕУ.

Осврнувајќи се на насловот на тркалезната маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот“, претседателот Пендаровски наведе дека за него не постои дилемата и дека 30 години порано веќе сме се определиле во прилог на западот.

-За мене е неспорно каде припаѓаме и каде треба формално да бидеме членки. За оние кои се колебаат, а бројката на луѓе кои ја поставуваат таа дилема последнава година расте, за жал,  прашањето е дали истокот, мислам пред се на Руската федерација нуди решенија за нашите најголеми проблеми, истакна тој, предупредувајќи дека безбедносната компанонета на Западниот Балкан се враќа на голема врата.

 

Пендаровски бара Брисел да реши кој ќе има приоритет – Берлинскиот процес или Отворен Балкан

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, го повика Брисел да направи проценка која од двете економски иницијативи во регионот на Западен Балкан – Отворен Балкан и Берлинскиот процес има приоритет. Тоа е потребно, според него, бидејќи во Отворен Балкан учествуваат само половина од земјите во регионот и соперништвото меѓу двете иницијативи може да предзвика поделби.

„Во економијата постои компетиција меѓу две иницијативи – Отворен Балкан и Берлинскиот процес. Отворен Балкан е активиен и работи веќе три години, но Брисел пред три месеци го враќа на голема врата Берлинскиот процес, а со последната конференција порача дека сака да биде промовиран во чадор организација во која другите ќе бидат само компонента. Двете иницијативи се корисни, меѓутоа мора да повикам до одговорните и надлежните во Брисел да направат приоритизација меѓу овие две работи затоа што ако тие тоа не го направат во Брисел, ние на Балканот тоа никогаш нема да го направиме, а на таа основа луѓето прилично се делат, меѓу другото и затоа што во Отворен Балкан само три од шесте западнобалкански држави учествуваат“, рече Пендаровски во своето обраќање на тркалезната маса насловена насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“.

Берлинскиот процес, во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, како проект за економско поврзување на земјите од Западен Балкан – Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Иницијативата Отворен Балкан, пак, постои од 2019 година како заедничка иницијатива на Македонија, Србија и Албанија, интререс за членство најавија и БиХ и Црна Гора, а Косово и покрај повиците засега одбива да се приклучи.

(И.С.)