Семејството Паневски го чува древниот занает на рачноизработена хартија. „Почетокот беше тежок, но сега многу луѓе знаат за нас, имаат препораки од тие што нè посетиле, читаат на интернет, преку сајтови кои го промовираат Охрид. Сите сакаат да го видат начинот на кој хартијата се изработувала уште во средниот век во манастирот Св. Наум, начинот кој води потекло од Кина, од 2 век пред н.е. Во Србија и Бугарија толку не знаат што има постојано гости и многу сме популарни“, вели Љупчо Паневски за „Вечер“, кој работи заедно со својот син Нино, кој е и сегашен сопственик на работилницата. Со Гутенбергова преса тие на оваа хартија печатат стари црковни ракописи и икони

Во центарот на Охрид, во старото градско јадро, веќе 17 години опстојува работилница во која семејството Панeвски рачно изработува хартија која стана препознатлив македонски бренд не само во соседството туку и пошироко. Според оригиналната постапка, која првпат во Македонија започнала да се практикува во втората половина на 16 век, само во манастирот Свети Наум, изработката на хартијата сега доби една сосема нова димензија. Националната работилница за рачна изработка на хартија во Охрид ја возобнови старата средновековна постапка, која води потекло од Кина од 2 век пред.н.е. Оваа постапка од Кина е пренесена во Европа, поточно во Барселона во 12 век. Од таму преку Венеција и Дубровник стаса и до Охрид. А денес таа е сочувана токму од ова охридско семејство, кое чувајќи го занаетот, ја раскажува многувековната историја на изработка и печатење на хартија. За ова придонесува и Гутемберговата преса во сопственост на семејството Паневски, која исто така е дел од приказната.

Тежок и макотрпен почеток

„Почетокот беше тежок, бидејќи требаше да набавиме опрема, не знаевме дали ќе има интерес, дали ќе успееме, но сега многу луѓе знаат за нас, имаат препораки од тие што не посетиле, читаат на интернет, преку сајтови кои го промовираат Охрид, а сегашните туристи тоа го пратат. Голем дел од нив веќе пред да дојдат во Охрид се определиле да ја посетат работилницата. Веќе и самите агенции кои организираат разглед на градот редовно не вклучуваат во своите програми.  Имаме и организирани посети, но и индивидуални. Сите сакаат да го видат начинот на кој хартијата се изработувала уште во средниот век, но и во Кина, пред многу векови. Во Србија и Бугарија толку не знаат што има постојано гости и доста сме популарни“, вели Љупчо Паневски кој работи заедно со својот син Нино, кој е и сегашен сопственик, додека Љупчо е тој што ги дава насоките.

Според Паневски постапката се состои од вертикално делкање на срцевината на дрвото на најситни влакненца, под одреден агол. Се користат потврди видови на дрво како дабот, оревот, црешата, костенот, смреката и дудинката. Само под одреден агол изделканите влакненца, потопени во вода, после одреден временски период, потполно природно без хемикалии се врзуваат меѓу себе.

„Периодот на стоење на честичките во вода (инкубација) зависи од видот на дрвото, неговата цврстина и обично трае од 23 до 31 ден. Меѓусебното врзување на честичките-влакненцата е идентично на начинот на кој осата ги врзува честичките во своето осило. Затоа и овој метод го добил името, метод на гнездо на осата. За декорација, пак, се користат природни бои добиени со екстракција на цвеќиња и лисја или земјени бои, објаснуваат во работилницата каде опремата  е  оригинална и  целосно изработена од дрво.

„Се состои од корито за пулпа, работна маса, преса за цедење и преса за рамнење на хартијата. Опремата која се користи за рачната изработка на хартија, е потполно едноставна и приближно иста со таа од среден век. Се користат сита со дрвена рамка и метална мрежа, како и опрема за цедење, сушење и рамнење, која ќе ги врати посетителите далеку во минатото, објаснува Паневски. Тој со насмевка ни раскажа и за една случка при посетата на деца од едно училиште во Србија.

„Самата постапка за правење на хартија делува како магија, па во една пригода кога ја извадив хартијата откако покажав дека постапката почнува од изделканите влакненца, едно од децата се сврти накај учителката и кажа „Овај чика лаже“, со смеење ни објасни Љупчо Паневски.

Работилница – историска училница

Со оглед дека работилница започна со работа во 2002, како што вели, сите овие години, таа претставува и историска училница.

„Ние на некој начин ја промовираме нашата историја и култура. Кога ќе дојдат посетители тие сакаат да поразговараат, а не само да присуствуваат на скудно прикажување на процесот. Тие се интересираат како е дојдено на идеја рачно да се прави хартија, а тука се надоврзува историјата па писменоста, па Кирил и Методиј… И воодушевени се. Организирано секоја година од мај до септември доаѓаат туристи од Холандија и Полска. Гостите од Полска се едуцирани знаат за словенската писменост и прашуваат за просветителите Кирил и Методиј, за Наум и Климент…“, објаснува Паневски.

А во работилницата се изработуваат парчиња хартија во разни формати, рамки на слики, фото албуми од хартијата, кеси и кутии за подароци, разделувачи на книги. На Гутенберговата преса пак, која е една од седумте во Европа, пак се печатат графики со разни мотиви од Охрид, Македонија и нашата историја. Посебно уникатни и оригинални се старите ракописи отпечатени на оваа хартија: Евангелија од 13-14 век, житија од 15 век, црковнословенски ракописи 12-16 век, стари македонски невестински носии, вињети од Библијата и оригиналната Хипократова заклетва. На хартија се печатат и најпознатите македонски икони кои се наоѓаат во галеријата на икони на Музејот на град Охрид.

„Кај нас доаѓаат и амбасадори, прво официјално, а потоа и самостојно. Дури и папа како подарок доби врамен лист рачно изработена хартија со отпечатени стари ракописи. И родителите ги носат своите деца за да ја видат постапката…

А постапката е оригинална според литературата, скиците како изгледала опремата, што беше макотрпно да се направи, но имавме помош од работилницата во Словенија. Од Словенија е и Гутенбергова преса, која му припаѓаше на пријателот на нашиот партнер со кој започнавме да работиме. Потоа ја откупивме и сега е во наша сопственост. Вакви машини се само две во Европа, а оваа е изработена пред 150 години во Салзбург, по урнек на оригиналот кој е музејски експонат во Мајнц, Германија“ – додаваат сопствениците.

Сепак, велат дека иако ја претставуваат и државата, и се туристичка атракција во Охрид,  сепак субвенции и друга финансиска помош од државна немаат, а уште само една година имаат и договор за кирија со сопственикот, по што оваа работилница ќе мора да бара нова локација.  Инаку, овој фамилијарен занает на Паневски, бара многу труд како и посветеност, а самиот занает ја збогатува туристичката понуда и на градот и на државата. (Д.Т.)