Од денеска се очекува да стапат на сила олабавените мерки за заштита од ковид-19 кои Главниот координативен кризен штаб ѝ ги предложи на усвојување на Владата, а по препорака на Комисијата за заразни болести.
До предлогот за олабавување на мерките придонесе моменталната поволна епидемиолошка состојба со коронавирусот во земјава, која се карактеризира со намалување на бројот на нови случаи во изминатите 14 дена, но и намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.
Една од мерките е да се укине носењето на заштитни маски на отворено, но со препорака маските да се носат кога лицата се во поголема група. Останува мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
Препорака е да се укине мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица.
За љубителите на спортот се препорачува да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено, но само до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители.
Публиката задолжително треба да го почитува растојанието од 1,5 до 2 м или три седишта растојание еден меѓу друг. На новите брачни парови конечно им се дозволува да направат веселба, односно треба да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор.
На летните тераси треба да се дозволи до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу гостите.
Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. Тоа значи дека ора нема да има, само младенците ќе можат да го изиграат свечениот валцер.
Промени има и кај редовното работење на угостителските објекти, се зголемува бројот на лицата кои можат да седат на една маса од четири лица на шест, со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив.
Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина, но останува да важи мерката за полициски час до 15 јуни годинава. Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани.