Од данок на пензија што го плаќаат половина милион пензионери, Хрватска годишно инкасира над 180 милиони евра

680

Во септември се исплатени за 7,46 отсто повисоки пензии со што просечната пензија е зголемена за околу 40 евра. Дури 435.000 пензионери сега плаќаат пензиски данок, што е огромен скок во однос на претходните месеци, односно  даночните ножички во септември ги почувствувале нови 70.000 пензионери

 

Речиси половина милион хрватски пензионери плаќаат данок на пензиите што ги примаат. Само во септември од пензискиот данок државата собрала над 15 милиони евра, а годишно тоа би изнесувало 181,5 милиони евра.

Но, бројот на пензионерите – обврзници и собраната сума постојано се менуваат во зависност од растот на пензиите, како и од растот на персоналниот одбиток и од можните промени во даночните стапки утврдени по градови и општини. Како што пишува порталот Мировина.хр. во септември се исплатени за 7,46 отсто повисоки пензии со што просечната пензија е зголемена за околу 40 евра. Дури 435.000 пензионери сега плаќаат пензиски данок, што е огромен скок во однос на претходните месеци. Според порталот, даночните ножички во септември ги почувствувале нови 70.000 пензионери, односно пред јулското усогласување на пензиите, данок плаќале околу 35 отсто од пензионерите, односно 364.000.

-При исплата на пензијата во септември 2024 година, кога се исплати пензијата за август и разликата за јули, поради усогласување на пензиите според Одлуката за моменталната вредност на пензијата од 1 јули 2024 година, данок на пензија е пресметан на 434.696 корисници, во вкупен износ од 15.127.675,05 евра, појаснуваат од Хрватскиот завод за пензиско осигурување.

Овој данок го плаќаат пензионерите кои примаат повеќе од 560 евра, а државата зафаќа само од делот над таа сума. Министерот Марко Приморац најави дека прагот над кој ќе се плаќа пензионерскиот данок ќе се зголеми на 600 евра, или за 40 евра, колку што изнесува последното усогласување на хрватските пензии. Исто така, најавено е и намалување на данокот.

Сепак, претставниците на пензионерите не се задоволни од тоа и бараат даночниот праг уште да се подигне. Хрватската партија на пензионерите (ХСУ), како партнер на Владата, побара да се укине данокот за сите пензии до 1.000 евра. Претседателот на ХСУ Веселко Габричевиќ неделава во хрватскиот Сабор рече дека е прифатлив лимит од 840 евра колку што е и сумата за исплата на помош на пензионерите со мали пензии. Синдикатот на хрватските пензионери, пак, бара од градоначалникот на Загреб да ја намали стапката на данокот на доход, со што на пензионерите ќе им се наплатува помал данок. Сличен предлог до партијата „Можемо“ неодамна испрати и пензионерската партија „Сакаме праведно“. Всушност, пензионерскиот данок е данок на доход, чија стапка ја одредуваат општините, со тоа што кај пензионерите се зафаќа со половина од таа стапка. Па така, ако некој прима пензија од 583 евра, даночната граница ја надминува за 23 евра и таа сума е основа на која тој плаќа данок. Пониската стапка на данок на доход, на пример, во Вараждин е 22 отсто, а пензионерите плаќаат половина од неа, односно 11 отсто. На 23 евра, колку што е основицата за 583 евра тоа е данок од 2,53 евра месечно, или 30 евра годишно.