Билет за едно возење во градски автобус ќе се воведе од април, а од јуни ќе биде овозможено и електронско надополнување на “Скопска”. Ова го најави директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Кристијан Чушков при потпишувањето на договорот за заем со ЕБОР за набавка на 35 нови нископодни автобуси кои ќе возат на гас.
Тој вели дека засега не е одлучено која ќе биде цената на билетот за едно возење кое најмногу им е потребно на оние кои од внатрешноста доаѓаат во Скопје на преглед на клиниките или по некоја друга работа.
За да може да стартува и електронско надополнување на “Скопска” во ЈСП работат на креирање на напредна смарт апликација. Засега надополнување може да се врши на билетарите на ЈСП низ градот, како и во повеќето трафики или продавници.
Тој напомена дека со новите автобуси, кои се очекува да почнат да возат до крајот на годинава, како и со тоа што работат на подобрување на услугите, како што е надградба на системот за електронска локација на возилата и поставување на валидатори за картички на најмалку две места во автобусите, имаат намера, како што рече, граѓаните да добијат причина плус да ги остават своите автомобили и да го користат јавниот превоз.
(С.Бл.)