Во Делчево се одржа традиционалната изложба на олдтајмери. Настанот го организираше здружението „King’s of the roads“ чиј претседател информираше дека оваа година изложбата се реализира петтипат.
-Од одѕивот на денешнито собир сме премногу задоволни, дури не очекувавме дека ќе дојдат колеги во толку голем број. Имаме над 70 возила од вкупно девет градови во Македонија, прекрасни олдтјамери кои првпат учествуваат на настанот. Ова е досега најголема бројка на возила кои учествувале на нашите собири и мислам дека да не беше пандемијата ќе имавме бројка од околу 150 учесници, истакна Лоренцо Трајановски.
Поради пандемијата на традиционалната изложба, како што додаде отсуствуваа гости од странство. Трајановски кој и самиот поседува колекција од 15 возила од кои дел учествуваа на изложбата на стари автомобили. Од ретките возила кои пристигнаа во Делчево Трајановски издвои неколку кои ја воодушевија публиката.
-Од тие ретки возила ќе издводиме Волво В6, јас лично првпат гледам таков автомобил во живо. Имаме и „Форд кортина“ која е многу ретка кола, такви примероци има 4 или 5 во Македонија. Исто така, ќе ја издовјам мојата „Фолксваген К-70“, има многу малку такви во Македонија. Имаме и Т-3 комбиња, но за нив е предвидено посебен балкански настан на кој се надеваме дека ќе учествуваме, а потоа ќе издејствуваме и да бидеме организатори на балкански мини-бус митинг, додаде Трајановски
Покрај споменатите, во рамки на изложбата на олдтајмери можеше да се забележи богата колекција на автомобили БМВ Е-30, француската „Диана“, Застава 750 или популарното „фиќо“, „порше“, „мерцедес“ и голем број други модели. Организаторите за учесниците обезбедија награди во повеќе категории.
-Доделивме награди за најмлад учесник, најстаро возило, најдобро реставрирано возило, возило со најмала помината километража. За учесниците секако обезбедивме и маици, плакати и благодарници, додаде Емил Илиевски член на „King’s of the roads“.
Наградата за најстаро возило ја доби Димитровски Ванче за своето возило Пежо 404 произведено 1967 година.
-Ние сме втори сопственици на ова возило кое е оригинал како што го гледате. Планираме комплетна реставрација на возилото иако е прилично во добра состојба. Љубовта кон ова хоби ми се роди пред три години кога го видов во гаража. Најпрвин сопствениците не сакаа да го продадат, но потоа ме побараа и така дојдов до него. Возилото има добра „вожња“ поради што порачувам сите што имаат „пежо 404“ да го чуваат, рече Димитровски.
Изложбата на олдтајмери во Делчево се организираше со посебни мерки за заштита од Ковид-19. Настанот заврши со вообичаеното дефиле низ градските улици во Делчево.
Извор:МИА