Одобрени парите за изградба на улици и канализација во Басарица и Полето

822

Општина Делчево ги доби решенијата од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со кои се одобрува финансиска поддршка, за реализација на два капитални проекти во населбите Басарица и Полето.

Станува збор за проекти во вредност од над 30 милиони денари, средства кои ќе бидат наменети за изградба на патна инфраструктура во населбата Басарица, како и канализација во населбата Басарица и Полето.

– Населбата Басарица иако повеќе од две децении е урбанизирана, досега немаше изградено патна инфраструктура. Долго време жителите на оваа населба газеа кал и живееја во прашина, а со реализацијата на овој проект, конечно, оваа населба ќе наликува на една урбана средина. Како градоначалник кој сака да ги решава проблемите ја изработивме и првата техничка документација со која во оваа населба предвидена е и изградба на шест улици во должина од еден километар, како и канализациска линија во должина од два километри која поминува низ дел од населбата Басарица и оди за село Полето – истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

За овие два проекта ќе се потрошат над 25 милиони денари.

Во рамките на проектот аплициран по мерката 322 за инвестиции за изградба или реконструкција на улици во руралните средства, предвидена е изградба на шест улици во населбата Басарица меѓу кои улиците: „Света Троица“ , „Киселичка“, „Бигланска“,„Драмечка“, „Басаричка“ и „Селничка“. Вториот проект аплициран по мерката 321, се однесува на изградба на четири крака на канализациски системи во населбата Басарица и Полето, во должина од 2.000 метри.

Трајковски истакна дека тендерот за реализација на инфраструктурните проекти во населбата Басарица и Полето, ќе биде објавен во текот на овој месец, а се очекува градежните работи да почнат во август.